За некои луѓе во градот Скотсдејл, Аризона, САД, времето и смртта се, некако, „на пауза“, бидејќи се подложени на постапка на криозамрзнување (времено замрзнување на телото).
Фондацијата „Алкор лајф екстеншн” (Alcor Life Extension Foundation) е организација која тврди дека е светски лидер во крионика – процес на зачувување на човечкото тело на екстремно ниски температури сѐ додека во иднина не се најде лек за болеста, како начин за реанимација или „повторно оживување” на замрзнатите луѓе.
Телата или органи на 199 луѓе кои се одлучиле на криозамрзнување, се ставени во садови со течен азот со надеж дека, во иднина, кога науката ќе биде понапредна од денес, тие ќе бидат оживеани. Многу од овие „пациенти“, како што ги нарекуваат во Фондацијата, страдале од крајна фаза на рак, амиотрофична латерална склероза (АЛС) и други болести за кои сè уште нема лек.
Материн Наоваратонг, девојче од Тајланд, кое боледувало од рак на мозокот, со исход на сигурна смрт, е најмладата личност подложена на криозамрзнување. Тоа се случило во 2015 година, кога таа имала две години.
– Двајцата нејзини родители се лекари. Девојчето имало повеќе операции на мозокот и за жал ништо не помогнало за лекување на болеста, па конечно нѐ контактираа – рече Макс Мор, директор на „Алкор“.
Самиот процес на криозамрзнување почнува откако лицето е службено и законски прогласено за мртво.
Пионерот на биткоинот Хал Фини е еден од првите „пациенти“ на „Алкор“. Откако починал од АЛС во 2014 година, неговото тело било подложено на т.н. криопрезервација.
Постапката е таква што крвта и другите телесни течности се отстрануваат од телото на човекот и се заменуваат со хемиски течности што го спречуваат создавањето на штетни кристали мраз. По криозамрзнувањето, или т.н. витрификација на телата на на крајно ниска температура, „пациентите“ потоа се ставаат во контејнери во зградата на компанијата во Аризона, како што велат, „онолку време колку што е потребно за да се унапреди технологијата“, што ќе придонесе за нивно лекување.
Минималната цена за постапката е 200.000 долари за криозамрзнување на телото и 80.000 долари само за витрификација на мозокот.
Многу научници, од друга страна, веруваат дека криониката е целосно неуспешен метод за чувување на животот. Тие притоа укажуваат на фактот дека процесот на замрзнување може да се направи само откако ќе настапи смртта, но и дека тој сè уште никого не оживеал.
Така, еден од скептиците е д-р Артур Каплан, шеф на Одделот за медицинска етика на Медицинскиот факултет „Гросман“ при Универзитетот во Њујорк.
– Самата замисла за замрзнување тела или органи за иднината е прилично наивна. Луѓето кои се специјализирани за проучување на далечната иднина или оние кои ги сакаат вашите пари, се чини, веруваат во тоа, за вие да се подложите на постапката – вели тој.
Друг проблем е што при ладење на екстремно ниски температури во организмот се создаваат ледени кристали чиј волумен станува поголем од оној на водата во телото, па тоа го уништува телото одвнатре.