More

    Барањето за спроведување предвремени парламентарни избори ја обедини опозицијата

    spot_img

    Барањето за спроведување предвремени парламентарни избори ја обедини опозицијата. Некои опозициски партии делуваат поединечно, некои ги обновуваат старите партнерства и коалиции, но буквално сите активно кројат планови и смислуваат стратегии за брзо распишување предвремени парламентарни избори.

    Дека планот е наскоро да се организираат предвремени избори, во петокот најави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој им порача на македонските граѓани да бидат трпеливи, бидејќи планот веќе е испратен во кројачницата.

    Но, премиерот Димитар Ковачевски не мисли дека на земјава ѝ се потребни предвремени парламентарни избори, а како што истакна, нема да подлегне на никакви притисоци, закани и уцени.

    Премиерот не попушта

    Бидете трпеливи, јас сум сериозен човек и веќе го кројам планот како да издејствуваме предвремени парламентарни избори, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

    – Нормално дека имаме план, јас сум сериозен човек и секогаш во животот ги правам работите со план. Ќе ги искористиме сите институционални и вонинституционални методи и алатки за што побрзо да се распишат предвремените избори – истакна Мицкоски.

    Од друга страна, пак, премиерот Ковачевски не попушта. Тој денеска порача дека парламентарни избори ќе има, но во 2024 година.

    – На земјава не ѝ се потребни избори, туку лидерство за надминување на последиците од кризата. Не сум човек кој подлегнува на притисоци, закани и уцени. Ако единствена точка за која опозицијата смета дека треба да се разговара се предвремени избори, тогаш нема да имаме средба – рече Ковачевски.

    Во овој момент, додаде тој, на Македонија ѝ е потребно лидерство и одговорност за справување со големите предизвици што ги имаме во оваа кризна година, а тоа е енергетската криза, која е европска, потоа здравствената криза која сѐ уште е присутна преку новите соеви и ценовната инфлација.

    – Затоа, сакам да повторам дека избори ќе има, но во 2024 година – истакна Ковачевски.

    По ваквата негова изјава веднаш следуваше реакција од ВМРО-ДПМНЕ.

    „Ковачевски бега од избори за да продолжи да краде милиони во енергетската криза. Тој не прифаќа лидерска средба затоа што сака да продолжи да краде. Ковачевски бега од избори, затоа што тој не сака решение на кризата, тој сака да ги краде парите на граѓаните преку големи набавки, кои ги правда под превезот криза. Ковачевски само го интересира неговата политичка кариера и профит“, реагираше партијата на Мицкоски преку соопштение.

    Опозицијата се обединува

    Од страната на ВМРО-ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски веднаш застана и Движењето Беса, чиј лидер Билал Касами истакна дека предвремените парламентарни избори се неопходни доколку сакаме земјава да излезе од политичката криза.

    – Со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се договоривме за соработка на централно ниво, а како две опозициски партии ќе понудиме решение за проблемите со коишто се соочува земјава во овие критични моменти, како што е патот кон интеграцијата во ЕУ и енергетската криза. Се договоривме во наредниве денови да одржиме активности за да имаме предвремени парламентарни избори и на тој начин волјата на граѓаните да биде изразена и на централната власт – рече Касами.

    Портпаролот на Алијанса за Албанците, Флакрон Беџети, во изјава за Плусинфо потврди дека партијата на Зијадин Села се приклучува на барањето за предвремени избори.

    – Собранието не може да функционира. Парламентарното мнозинство е тесно и нестабилно. Проблематично течат и преговорите со Бугарија, а не смееме да го занемариме и лошото справување со пандемијата со коронавирусот, но и со енергетската криза. Сите овие работи го отежнуваат животот на граѓаните и затоа сметаме дека се потребни предвремени парламентарни избори. Ние сме во постојан контакт со другите опозициски партии и се надеваме дека ќе продолжи нашата соработка со ВМРО-ДПМНЕ и со Беса во поглед на дејствувањето околу одржување предвремени избори. Важно е да ги усогласуваме нашите политики и нашите политички програми, но и заедно да ги кроиме плановите и стратегиите. Оти, знаеме колку е тесно парламентарното мнозинство и многу добро знаеме како беше формирано актуелното парламентарно мнозинство. Јас се надевам дека и власта ќе ја анализира состојбата и самата ќе биде принудена да прифати предвремени парламентарни избори – вели Беџети.

    Три мотиви

    Освен тоа што премиерот Димитар Ковачевски сега е ставен во улога на туристички водич за странски интереси низ домашната политика, новото мнозинство е продолжение на старото делегитимирано мнозинство, вели портпаролот на Левица, Амар Мециновиќ.

    Амар МециновиќПортпарол на Левица

    Неопходни се предвремени избори и нов собраниски состав за да може да се стави крај на долгогодишниот криминал и понижувања на државните органи преку стотици јавни скандали на СДСМ и ДУИ.

    – Левица има три мотиви за одржување предвремени парламентарни избори. Првично, по принципот на опозициска политичка одговорност, потоа поради здраворазумските проценки за опасно редефинирање на државните карактеристики во траењето на овој мандат и поради одговорноста кон левото гласачко тело кое СДСМ го држи во заложништво. Најпосле, неопходни се предвремени избори и нов собраниски состав за да може да се стави крај на долгогодишниот криминал и понижувања на државните органи преку стотици јавни скандали на СДСМ и ДУИ. Македонија се наоѓа во здравствена, енергетска и економска криза која ги загрозува животите на граѓаните, додека овие бизнис партии зад себе имаат низа примери за човечки трагедии и не смее да им се доверува раководењето со јавниот сектор. Во секој поглед, предвремени парламентарни избори мора да се одржат што поскоро – вели Мециновиќ за Плусинфо.

    Легитимитетот во авторитарни режими, додава тој, се нагласува преку постигнувањето на цели за оправдување на владеењето над народната волја, како во овој случај.

    – Сепак, и во авторитарните, како и во хибридните режими, граѓаните имаат исти видувања за изворите на владејачкиот легитимитет, кој треба да произлегува од доверувањето на консензус преку изборно оправдување. Расцепот помеѓу авторитарниот пристап на СДСМ и јавното мнение за демократскиот процес практично укажува на исцрпеноста на овој собраниски состав – посочува Мециновиќ.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img