„Ние ги дефиниравме нашите црвени линии и од тоа нема да се поместиме ниту милиметар. Едноставно, доволно отстапија македонските граѓани и македонскиот народ. Нема да бидеме жртва на билатерализацијата на процесот на пристапување кон Европската унија“.
Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали има некакво поместување во ставовите на европските лидери во врска со предлогот за уставни измени со одложено дејство.
– Ние кажавме што можеме да направиме и тоа е максимумот. Tоа им е кажано на сите светски фактори, на сите луѓе кои одлучуваат или имаат некаква улолога во светската политика – изјави Мицкоски.
Запрашан дали има контакти со европските лидери, Мицкоски прецизираше дека Македонија има „комплетно иста, усогласена меѓународна и одбранбена политика со ЕУ“.
– Реформите го водиме комплетно согласно барањата на ЕУ, работиме во согласност со ЕУ и ако сака ЕУ да биде заложник на некои земји членки во процесот на билатерализација, во ред, го разбираме и тоа. Се што треба направивме, а ако тие мислат дека треба дополнитено да се себепонижуваме и да се уништуваме идентитетски, па никогаш да не бидеме таму каде што треба, во ред, тоа е нивно право. Ги разбираме, одлучиле да бидат заложници на луѓе кои живеат во средниот век, а не гледаат напред. Нека не остават да си ги решиме домашните проблеми. Нам ни требаат инвестиции, повеќе вработени, добро платени вработени. Усогласени сме со европските регулативи и пак ќе се усогласуваме. Не треба да се грижат, не сме ние опасност за никого, нема овде никакво влијание, овде има европско и народно влијание. Пет месеци нема скандали. Да си ја завршиме домашната задача, која пак ќе биде според европските правила. Ние веруваме во вредностите каде се напредува по заслуга, а не со понижување на другите – рече Мицкоски.
Изјавата на Мицкоски доаѓа по изјавата на новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, која веднаш по одобрувањето на новиот состав на Европската комисија рече дека очекува Македонија да го промени Уставот и „ништо помалку, ништо повеќе“.