Претседателот Александар Вучиќ вечерва потврди дека од Русија пристигнало предупредување за подготовки за немири и државен удар во Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
– Денеска добивме официјални информации од Руската Федерација, информации пренесени и донесени преку официјални канали. Да, ја добивме таа информација и се занимаваме со неа. Одговорна е БИА, луѓето специјализирани за ова во Владата на Србија и на сите други места си ја вршат својата работа – рече српскиот претседател одговарајќи на новинарско прашање дали добил предупредување од руските безбедносни служби дека во Србија се подготвуваат масовни немири со цел државен удар.
Тој порача и дека граѓаните треба да бидат безгрижни.
Оние кои сонуваат дека нешто ќе направат, рече Вучиќ, нема, затоа што Србија неуморно оди напред.
– Не можат да ја сопрат. И нема да ја спречат и никој никогаш нема да ја спречи. Тоа е мојата порака до сите, луѓето не треба да се грижат. Утре можат мирно да ги гледаат нашите кошаркари (натпревар на Олимпијадата) дома – рече тој.
На највисоките претставници на српската влада, специјалните служби на Руската Федерација преку официјални канали им дале информации за подготовка на масовни немири и обид за државен удар и ликвидација на претседателот Александар Вучиќ и највисоките државни функционери, соопштија претходно денеска српските медиуми.