Претседателот на Собранието Талат Џафери на денешниот брифинг со новинарите уште еднаш ја потврди општата определба на државата да ја поддржи Украина и украинскиот народ.
Тој напомена дека физичкото присуство во оваа држава значи и лична, но и институционална поддршка на напорите на украинските институции да го вратат мирот и контролата врз целата своја територија.
Џафери истакна дека како Собрание ќе размислат за дефинирање на состојбите во Украина по однос на злоделата кои што се направени таму.
– Во Украина отидов на покана на претседателот на Врховната Рада, Руслан Стефанчук. Во комуникација со Украинската амбасада во Скопје првично беше планирано да се патува од 21 до 24 април, но поради голем број делегации беше поместено од 25 април до вчера. Патувањето се одвиваше комбинирано со авион до Варшава, до границата со моторни возила и потоа до Киев со специјален воз воспоставен за странски делегации кои ја посетуваат Украиана. Зоната во којашто се движевме е надвор од воените дејствија и намерата беше на лице место да се видат последиците од тие дејствија – изјави Џафери по брифингот со новинарите.
Тој додаде дека како држава сме приклучени кон сите мерки и обврски кои ги презема Европската Унија како поддршка на Украина.
Затоа, како што рече, подготвеноста за поддршка од кој било аспект не е само личен став на претседателот на Собранието, туку е обврска на државата која е членка на НАТО и кандидат за влез во Европската Унија.
– Мислам дека како Собрание треба да размислиме за дефинирање на состојбите во Украина по однос на злоделата кои што се направени таму. Ќе бидеме во координација со другите чинители во државата за да се иницира резолуција или декларација. Таа поддршка е повеќезначајна, може и во финансиски, материјален и санитарен аспект во зависност што ќе побара Украина. Секако може да биде и воена помош – изјави Џафери.