Висината на посмртната помош за пензионерите од 1 јануари годинава изнесува 35.000 денари и е повисока за 5.000 денари, а висината на задршката за солидарниот фонд е намалена од 150 на 140 денари, објави на својата веб страна Сојузот на здружението на пензионерите.
Овој износ ќе го добиваат семејствата на починатите пензионери од јануари до 30 јуни, а е резултат на одлуката за времено определување на висината на задршката за солидарен фонд – посмртна помош, членарина и висината на исплатата на посмртна помош на здружението на пензионери. Таа е донесена на крајот на 2023 година, а е објавена во Службен весник на 27 декември лани.
Во овој шестмесечен период, според одлуката, од пензиите ќе се одвојуваат по 140 денари за солидарниот фонд што е помалку за 10 денари од претходниот износ. За членување во здружение на пензионерите ќе се плаќа исто како и досега – 30 денари.
Со одлуката се определува и дека висината на чланарината во здруженијата на пензионери ќе изнесува 30 денари.
Лани посмртнината изнесуваше 30.000 денари.
Според податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување лани во солидарниот фонд се слеале 115.150.320 денари (1, 87 милиони евра), а се исплатени 463.160.000 денари (7,5 милиони евра) за 15.439 починати пензионери.