Русија денеска објави дека одлуката на Европската унија да ги отвори пристапните преговори со Украина и Молдавија е политичка одлука која може да ја дестабилизира Унијата и ја пофали Унгарија што се спротивставува.
– Преговорите за пристапување во ЕУ може да траат со години и децении. ЕУ отсекогаш имала строги услови за пристапување и сосема е јасно дека ниту Украина ниту Молдавија не ги исполнуваат критериумите – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој нагласува дека оваа „политичка одлука“ може да ја дестабилизира Унијата.
– Јасно е дека тоа е апсолутно политичка одлука, дека ЕУ сакаше да се солидаризира со тие земји. Сепак, таквите нови членки може да ја дестабилизираат ЕУ и, со оглед на тоа што сме на истиот континент, секако дека тоа внимателно го следиме – додаде Песков.
Европските лидери на самитот се согласија да ги отворат преговорите со Украина, иако таа моментално е во војна со Русија, која пак потенцира дека војната ќе продолжи додека не ги исполни своите цели. Лидерите на земјите членки на ЕУ на самитот во Брисел го надминаа противењето на унгарскиот премиер Виктор Орбан со напуштање на салата во моментот кога се гласаше за историскиот чекор, што Песков го коментираше со иронија.
– Тоа е уникатен случај, некој да се чека да излезе на кафе, па да се носат одлуки во негово отсуство – рече портпаролот на Кремљ.
ЕУ, исто така, се согласи Грузија, која како Украина и Молдавија е поранешна советска република, да стане кандидат за членство.
– За наша жал, желбата на ЕУ да ја покаже таа политичка волја, во голема мера е одредена од желбата да ја изнервира Русија што е можно повеќе и да ја антагонизира ЕУ во однос на Русија – истакна Песков.
Самитот, поради унгарската блокада, не можеше да се договори за 50 милијарди евра помош за Украина.
– Унгарија има свои интереси и, за разлика од многу други земји-членки, цврсто ги брани, импресионирани сме од тоа – нагласи Песков.