More

    Расипување на односите со Белград може скапо да нѐ чини

    spot_img

    Може ли Македонија да се воведе во незавидна ситуација и да си го расипе блиското пријателство со Србија поради кавгата помеѓу Приштина и Белград?

    Ќе го послушаме или сепак ќе го игнорираме повикот на косовската претседателка Вјоса Османи која побара од меѓународната заедница да воведе санкции против Србија поради неодамнешниот оружен напад во Бањска?

    Ќе го преиспитаме ли нашето учество во „Отворен Балкан“, доколку, како што најави вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи, се докаже дека Србија стои зад нападот во северно Косово во кој животот го загуби еден косовски полицаец?

    Иван Стоиљковиќ: Без соодветена соработка со Србија, македонскиот народ и македонската држава немаат некоја посериозна перспектива. Ако немаме таква соработка со Србите, тогаш на кого ќе се потпреме?

    Лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ, во разговор за Плусинфо вели дека во случајов не постојат објективни критериуми, туку постои само политика.

    – Станува збор за чиста политика. Луѓето се свесни и многу добро разбираат за што станува збор. И претседателот Стево Пендаровски пред некој ден имаше една многу несериозна изјава кога рече дека конфликтот на Косово нема да се прелее во Македонија. Па јас сега ќе го прашам претседателот: дали во случај на конфликт македонските Албанци би се вклучиле активно во настаните? Тогаш, како е можно Македонија да не биде вклучена и како е можно Македонија да не ги наруши односите со Србија? Видовме што се случи со доаѓањето на косовскиот премиер Албин Курти во Македонија. Граѓаните не се глупави и многу добро знаат што се случува. Затоа, политичарите треба да даваат изјави кои имаат барем елементарна логика. Не е сѐ гола политика, туку има нешто и во логиката – порача Стоиљковиќ.

    Без соработка со Србија, додава тој, Македонија и македонскиот народ немаат никаква перспектива.

    – Ќе бидам искрен. Без соодветена соработка со Србија, македонскиот народ и македонската држава немаат некоја посериозна перспектива. Ако немаме таква соработка со Србите, тогаш на кого ќе се потпреме? Прашањата мора да имаат објективни одговори – рече Стоиљковиќ.

    Поранешниот собраниски спикер Тито Петковски, пак, прстот го вперува кон министерот за надворешни работи Бујар Османи и го потсетува дека тој е министер на Македонија, а не на Косово.

    Ова е една голема грешка на нашата дипломатија и сметам дека министерот има обврска да ги унапредува односите, особено поради тоа што и Албанија е во таа групација.

    Тито ПетковскиПоранешен претседател на Собранието

    – Искрено се зачудив кога ја слушнав изјавата на претседателката на Косово, Вјоса Османи, која побара од меѓународната заедница да спроведе санкции кон Србија, и мислев дека тоа е некоја повторена изјава. Но, ми стана сѐ јасно кога прочитав дека и македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи предлага Македонија да размисли околу таа наша ориентација за „Отворен Балкан“. Прво претпоставував дека станува збор за некаква грешка, но подоцна сфатив дека тоа е една неодговорна и избрзана изјава на министерот. Уште почудно е тоа што тој е претседавач на ОБСЕ, па наместо да разговара за унапредување на односите и да бара решение за да се смири конфликтот, тој размислува за многу радикални решенија на штета на Македонија. Се разбира дека нема да бидат односите исти меѓу Македонија и Србија ако се заостри конфликтот на Косово, н0 Османи е министер за надворешни работи на Македонија, а не на Косово. Затоа мислам дека ова е една голема грешка на нашата дипломатија и сметам дека министерот има обврска да ги унапредува односите, особено поради тоа што и Албанија е во таа групација. Самата изјава на Османи нанесува голема штета врз македонско-српските односи, но и врз македонско-албанските односи – истакна Петковски.

    На прашањето дали постојат реални шанси за да ја расипеме „калимерата“ со Србија, Петковски одговори дека сѐ е можно.

    – Ако се покрене иницијатива за преиспитување на членството на Македонија во „Отворен Балкан“, тогаш најверојатно и меѓународната заедница нема тоа да го поздрави, бидејќи тоа не е наша иницијатива. Во Нови Сад, пред шест години, иницијативата ја покренаа САД, така што, би била голема штета ако Македонија го направи најавениот чекор кој може сериозно да влијае врз односите помеѓу Скопје и Белград – објасни Петковски.

    Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски смета дека Македонија навистина се наоѓа во една незавидна состојба околу нејзината надворешна политика во однос на соседите Србија и Косово.

    – Од една страна, поради големиот процент на етничко албанско население кај нас и поради силниот албански политички фактор во нашата политика, ние сме принудени да имаме коректни односи со Косово, кое сѐ уште не е призната држава во ООН. Од друга страна, пак, поради економските, но многу повеќе поради културните и историските односи наследени од времето кога живеевме во рамките на СФРЈ Југославија со политички центар во Белград, нужно сме приморани да имаме одлични односи со Србија. Дотолку повеќе што односите со нашиот јужен сосед во минатото, но и со нашиот источен сосед сега, беа и се повеќе од катастрофални. Мислам дека не е работа на косовската претседателка Вјоса Османи да им кажува на суверени и независни држава, уште повеќе членки на НАТО, што треба да прават во својата надворешна политика, дотолку повеќе што е претседателка на делумно признаена земја. По настаните на северот на Косово, иницијативата „Отворен Балкан“ за мене е завршена работа, барем на практика и на терен. На хартија, формално-правно ќе потрае уште некое време – објаснува Атанасоски.

    По настаните на северот на Косово, иницијативата „Отворен Балкан“ за мене е завршена работа, барем на практика и на терен.

    Благојче АтанасоскиПолитички аналитичар

    Остра реакција пристигна и од политичката партија Македонски Концепт од каде што ги осудуваат обидите на министерот Османи со кои „директно и свесно ја внесува Македонија во српско-косовскиот судир, што е дел од руското сценарио за дестабилизација на Балканот и јужното крило на НАТО“.

    Од партијата порачуваат дека Османи повеќе се однесува како министер на Косово или на Русија отколку министер на Македонија, земја членка на НАТО.

    „Со последната изјава дека Србија треба нешто да докажува на Косово, во спротивно Македонија треба да преземе непријателски дејства кон своите соседи, тој дирекно придонесува кон дестабилизација на нашиот регион, особено го помага Косово во очајните обиди за извоз на тероризам и етнички шовинизам кон сите соседи. Ова особено од аспект што истиот човек претседава со ОБСЕ, но не во име на ДУИ или на Косово или УЧК, туку во име на Македонија и на сите нас македонските граѓани, што дава дополнителна тежина на неговата злоупотреба на службена положба и овластувања, што е кривично дело и за истото треба да одговара пред правосудниот систем на Македонија, не на Косово“, велат од Македонски концепт.

    Оттаму додаваат дека за нив проектот „Отворен Балкан“ претставувал промашена инвестиција уште на самиот почеток.

    „Но, вмешување на Македонија во странски судири, особено помеѓу нашите соседи, е директно работење против мирот и стабилноста и против македонските национални интереси“, се вели во партиското соопштение.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img