Активисти за животна средина од движењето „Последна генерација“ го блокираа сообраќајот на преминот Бренер на австриско-италијанската граница, по што мораше да интервенира и полицијата за да ги спречи возачите да ги нападнат активистите.
„Нè газат, нè влечат од патот, нè удираат и насилно не задржуваат“ – коментира активист на „Последна генерација“ на видео на кое се прикажани напади од лути возачи на автопатот пред граничниот премин Бренер на австриско-италијанската граница.
Според австриските медиуми, активистите од движењето „Последна генерација“ нешто пред пладне го блокирале автопатот, кој претставува една од главните врски меѓу Северна Европа и италијанскиот полуостров, и тоа на денот кога почнува најфреквентниот викенд во годината.
По само 20 минути полицијата успеала да ослободи една лента од патот од активистите кои лежеле на асфалтот, а набргу потоа и другата, но и покрај тоа поради интензитетот на сообраќајот кон југ, се создале километри сообраќаен метеж. Против дванаесет активисти се поднесени кривични пријави.
Ова е вторпат летово еколошките активисти да го блокираат најважниот пат во Австрија кон југ.
„Јужна Европа гори и низ целиот свет се бележат рекордно високи температури“, се вели во соопштението за печат на „Последна генерација“ во кое се повикува на зголемени мерки со цел запирање на климатските промени.