Семејството на Коста К. (13), кој на 3. мај уби осум деца и портирот во ОУ „Владислав Рибникар“ на Врачар, во Белград, најверојатно од безбедносни причини ќе се пресели во странство. Србија најпрво би можеле да ја напуштат неговата мајка Миљана и 10-годишната сестра, а во одреден момент би можел да им се придружи и таткото откако ќе биде пуштен од затвор, пишува Република.рс.
Психолози и криминолози веруваат дека тоа е најдобро решение за ова семeјство, особено за сестрата на Коста.
Родителите на Коста добиле стотици закани преку интернет по невиденото злосторство што го направи нивниот син. Таткото Владимир, угледен радиолог, во моментов е зад решетки зашто Коста го извршил масакрот пукајќи од неговите пиштоли, а мајката, според неофицијални информации зела неплатено отсуство од Биолошкиот факултет, каде што работи и со ќерката е на непозната локација во Србија. Сестрата на Коста е четврто одделение и сосема е веројатно дека нема да се враќа во ова училиште.
Семејството цел живот ќе трпи последици од масакрот
Милан Костиќ, психолог и судски вештак, смета дека и сестрата на Коста е жртва на својот брат, зашто до крајот на животот ќе ги трпи последиците од неговото злосторство.
– Тоа девојче не направило ништо, но е обележано и стигматизирано за цел живот. Таа ќе биде осудувана од околината и сметам дека би требало да биде заштитена, колку што е можно. Можеби најдобро решение е да ја напуштат земјата. Мислам дека раздвојувањето од Коста е неопходно во овој случај. Мајката треба да сфати дека покрај синот има и ќерка и дека мора да направи нешто за да ја заштити – вели Костиќ.
Тој додава дека на семејството на Коста не треба да му се наметнува решение, туку треба тие да се согласат со решението, а и сестрата на Коста да се изјасни што мисли за сето тоа што го направил нејзиниот брат.
Добривој Радовановиќ, криминолог, истакнува дека Коста со овој масакр уништил многу животи и семејства.
– Сè е упропастено, и неговиот живот и животите на сите семејства кои ги унесреќи. Ги уништи и животите на своите мајка, татко и сестра. Неговото семејство со години ќе ги трпи страшните последици зашто тешко е да се заборави вакво нешто – вели Радовановиќ.
Тој вели дека сестрата, поради тоа што уште е мала, можеби најмалку ќе ги осети последиците.
– Кога ќе порасне, сестрата можеби во еден момент ќе се дистанцира од тоа злосторство. Сега единствено решение им е да ја сменат средината. Најкорисно е да го сменат презимето, но не знам каква е процедурата. Секако, мајката и сетсрата имаат можност ништо да не менуваат, но тогаш ќе трпат последици. Ако решат да ја напуштат земјата, веројатно ќе бидат под постојан надзор на безбедносните служби на државата во која ќе се преселат – нагласува Радовановиќ.
Бањац: Во Србија нема живот за нив
Бора Бањац, бивш началник на Управата за борба против организираниот криминал во Србија, смета дека можеби е најдобро решение за семејството на Коста да се отсели во некоја далечна земја.
– Што со нив, мајката и сестрата? Во Белград за нив нема живот, ниту во Србија. Мислам дека во ниедна земја од регионот не би можеле да живеат зашто порано или подоцна ќе се дознае кои се. Можеби да заминат преку океанот, некаде доволно далеку. Ако останат овде, единствено решение им е да го сменат идентитетот, но прашање е дали ќе може тоа да го направат – вели Бањац.
Коста во средата зел два пиштола од сефот на татко му, за кој ја знаел шифрата, и направил четири „молотови коктели“. Сето тоа го ставил во ранецот и тргнал во напад. Коста во 8.40 влегол во училиштето и без зборови го убил припадникот на обезбедувањето Драган Влаховиќ и уште три девојчиња кои се затекнале кај влезот – Ана Б. (12), Бојана А. (12) и Софија Н. (14). Потоа во ходникот ја заменил рамката со муниција во пиштолот и влегол во училницата на приземје каде неговото одделение VII 2 имало час по историја. Таму прво ја ранил во рака и во стомак наставничката Татјана Стевановиќ, па се свртел и почнал да пукa кон децата. Ги ликвидирал Андријана Д. (14), Катарина М. (13), Мара А. (14), Ема К. (14) и Андрија Ч. (14) и ранил уште шест школски другари.
После масакрот излегол од училницата и сам повикал полиција, велејќи дека ги убил децата и „зашто е психопат“