Русија продолжува со работата на оперативната подготвеност на најновиот ракетен систем „Сармат“, изјави командантот на Ракетните сили за стратешка намена, Сергеј Каракаев.
Според него, ракетните системи „Јарс“ и „Авангард“ веќе се дел од борбениот состав на Ракетните сили, додека работата на „Сармат“ продолжува, пренесува ТАСС.
Сармат се смета за најмоќната руска интерконтинентална балистичка ракета.
Каракаев истакна дека реализацијата на државната програма за модернизација овозможила стабилен напредок во опремувањето на ракетните полкови, и дека моментално повеќе од 88% од системите во борбената готовност се современи модели.
Западните медиуми потсетуваат дека ракетата РС-28 „Сармат“ е наменета за лансирање на нуклеарни боеви глави кон цели на илјадници километри оддалеченост во САД или Европа, но нејзиниот развој е проследен со одложувања и неуспешни тестирања.
Ракетата тежи 220 тони, долга е повеќе од 35 метри и има дострел меѓу 10.000 и 18.000 километри, што ја прави способна да погоди која било точка на светот. Може да носи до 50 мегатони ТНТ.