Собраниските комисии задолжени за измени во законите за работни односи и минерални суровини успеаа да го изгласаат само дневниот ред, по што беа прекинати и амандманската расправа е одложена за после велигденските празници.
Сепак, и тогаш расправата ќе биде ефективно блокриана, со оглед на бројот на поднесените амандмани. За предлог измените на Законот за работните односи се поднесени 1.111 амандмани од Левица, 2 од ВМРО-ДПМНЕ и 3 од ВМРО- НП, додека за измените на законот за минерални суровини се доставени четири амандмани.
За разлика од вчерашната тензична атмосфера, комисиската расправа за труд и социјална политка помина мирно. Пратениците од опоцизицијата бараа Владата да ги обелодени деталите од Договорот со Бехтел и Енка. Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојановска рече дека тие нема активно да ја блокираат работата на комисијата, туку ќе се обидат да ги вразумат пратениците од Власта да го повлечат предлогот за измени во Законот за работни односи.
Со овие измени се предлага за проектот на Бехтел и Енка за изградба на Коридорите 8 и 10д да се дозволи 60 часовна работна недела, предлог што беше оценет како противуставен од Уставниот суд.
Левица соопшти дека расправата е одложена поради нивните амандмани, со што работата на Комисијата за труд и социјална политика де-факто е блокирана.
– Кога и да се закаже продолжението, нашите двајца пратеници остануваат да се борат до крај – велат од Левица.
Оваа партија ѝ забележува на ВМРО-ДПМНЕ што се откажала од активната блокада и поднела само два амандмана на предлог-законот за работни односи.
За измените на Законот за минерални суровини, за кои се расправа во Комисијата за економија, опозицијата смета дека ќе овозможат лесно да се доаѓа до лиценци за ископи и искористување на минерални суровини, кои ќе се најдат на трасата каде ќе се градат автопатиштата. Според пратеникот од ДУИ Арбер Адеми ова ќе овозможи навремено и успешно да се реализираат овие делници.