Полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Ф.Ј. (38) од Куманово, затоа што со остар предмет нападнал и повредил медицинска сестра на Инфективното одделение во Општата болница Куманово, вчера после полноќ, соопшти МВР.
Насилникот бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
Според информациите од кумановската болница, медицинската сестра била нападната додека ги извршувала своите работни задачи во амбуланта, кога од зад грб ѝ пришол напаѓачот и ѝ ставил чаршаф на главата, по што почнал да ја дави и да ја удира. Таа паднала на подот, по што тој ѝ ја затнал устата со рака за да не може да вика. Ги зел ножичките за сечење газа од бирото и ја прободел во левото рамо и по вратот, по што жената се онесвестила.
Мешницата ја слушнале нејзините колешки и дошле да видат што се случува, при што ја нашле на подот со чаршафот на глава во бесознание. Откако ја освестиле веднаш повикале полиција и го алармирале обезбедувањето. Насилникот во меѓувреме побегнал.
Не е познато како тој влегол во зградата, бидејќи влезните врати на одделнијата се заклучуваат на полноќ, а пациентите кои доѓаат подоцна се најавуват на ѕвоно ако имаат потреба од лекарска помош. Се претпоставува дека можеби се криел во собите или во тоалетите, или влегол преку некој прозорец. Што точно се случувало ќе утврдат безбедносните камери во болницата.
Директорката на Кумановската болница Снежана Захариева го потврди случајот и вели дека дежурната медицинска сестра е сместена на хирургија, нема знаци на внатрешни повреди, е стабилна, но вознемирена поради нападот.
Директорката претпоставува дека мотивот за нападот е финансиски, бидејќи сестрата била нападната додека ја средувала касата од дневната наплата на партиципација. На Одделението не недостасувале медикаменти, а напаѓачот не ги зел парите бидејќи наишле колегите.
Унијата на ЗМСТАС, предводена од здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ јавно го осуди вчерашниот напад врз медицинската сестра од општата болница во Куманово.
Ова е уште еден случај во низата на немили настани кои се случуваат години наназад, и за кои Унијата постојано апелира дека покрај сите проблеми со кои сестринството се соочува во својата професија, условите за безбедност мора да бидат на највисоко ниво.
– Не можеме да кажеме дека вакви несакани случувања нема да се повторат и во иднина. Затоа го потенцираме моментот дека треба да се пронајдат решенија, а не само јавно истакнување на проблемот. Унијата смета дека е потребно да се води евиденција и да постои тек на постапка за ваквиот тип на немили настани. Да се задолжи Институтот за јавно здравје да понуди решение, кој патем имаше трудови за синдромот на согорување, стресот и безбедноста на работното место. Да се овозможат рехабилитации, продолжени годишни одмори и платени специјалистички прегледи. Реакциите по основ на овие случувања не се доволни. Безбедноста на медицинските сестри на работното место е од круцијално значење за целиот здравствен систем – истакнуваат од Унијата на ЗМСТАС.