Американските власти се уверени дека ќе успеат да одговорат на сите безбедносни грижи на Финска и на Шведска доколку земјите поднесат барање за членство во НАТО, што ќе се однесува на периодот пред нивното примање во Алијансата, изјави портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.
Шведска и Финска се загрижени дека би биле ранливи на руските закани за време на процесот на аплицирање, кој може да потрае и до една година за да биде одобрен од сите 30 членки на НАТО.
– Убедени сме дека ќе успееме да најдеме начини да се отфрлат сите стравови, што поединци од овие земји може да ги имаат за периодот меѓу поднесувањето на барање за членство и официјалното приклучување во Алијансата, појасни таа.
Псаки додаде дека „разговорите продолжуваат“.
– Се разбира дека ние силно ја поддржуваме политиката на отворени врати на НАТО и правото на секоја земја, сама да одлучи каква ќе биде нејзината надворешна политика, како и за мерките за безбедност. И Шведска и Финска се блиски и ценети партнери на САД во областа на одбраната – истакна портпаролката на Белата куќа.
И Шведска и Финска се очекува да донесат одлука за тоа дали ќе аплицираат за влез во НАТО овој месец.
Шефицата на шведската дипломатија Ен Линде по состанокот со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во средата изјави дека добила безбедносни гаранции, но не даде никакви детали.