Украинскиот претседател Володимир Зеленски го даде првото интервју по победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД. Во интервју за „Sky News“, тој сугерираше дека е подготвен за крај на војната.
Зеленски сугерира дека е подготвен да ја заврши војната со Русија во замена за членство во НАТО, дури и ако Русија веднаш не ги врати украинските територии што ги окупираше.
Зеленски посочи дека може да се постигне договор за прекин на огнот доколку украинската територија контролирана од Киев биде ставена „под чадорот на НАТО“, што ќе му овозможи подоцна да преговара за враќање на остатокот од територијата „преку дипломатски канали“.
Новинарот на „Sky News“, Стјуарт Рамзи побара од Зеленски да ги коментира медиумските извештаи во кои се наведува дека еден од плановите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да стави крај на војната може да биде Киев да и ја отстапи на Русија територијата што ја презеде руската војска во замена за влез на Украина во НАТО.
Зеленски тогаш рече дека членството во НАТО ќе мора да им се понуди на неокупираните делови на земјата за да се стави крај на „жешката фаза на војната“, се додека самата покана за НАТО ги признава меѓународно признаените граници на Украина.
Се чини дека тој прифатил дека окупираните источни делови на земјата засега ќе бидат изоставени од таков договор, според „Sky News“ .