Најголемиот брод за крстарење во светот, Icon of the Seas, тргна на своето прво крстарење од Мајами, Флорида. Сепак, тоа веќе предизвика загриженост за емисиите на метан.
Најголемиот брод за крстарење во светот „Icon of the Seas“ е долг 365 метри, има 20 палуби и капацитет да прими до 7.600 патници.
Сопственик на бродот е Royal Caribbean Group, а бродот за крстарење ќе посетува острови во тропските предели.
Сепак, еколозите предупредуваат дека бродот што работи на течен природен гас ќе испушта штетен метан во воздухот, јавува Би-Би-Си.
„Тоа е чекор во погрешна насока. „Според нашата проценка, користењето на ЛНГ како гориво за бродовите емитира повеќе од 120 отсто повеќе емисии на стакленички гасови од морскиот дизел“, рече Брајан Комер, директор на поморската програма на Меѓународниот совет за чист транспорт (ICCT).
Претставник на Royal Caribbean изјави дека „Icon of the Seas“ е енергетски поефикасна за 24 проценти отколку што бара Меѓународната поморска организација за модерни бродови.
Компанијата изјави дека до 2035 година планира да воведе брод со нулта емисија во својата флота.