Србија не е и нема да биде плен како во 1999 година, му одговори српскиот претседател Александар Вучиќ на некогашниот американски генерал Весли Кларк, кој во интервју за Си-Ен-Ен синоќа ја обвини Србија дека бара руска поддршка и овластување за територијално да се прошири на Косово и да започне нова војна на Балканот.
Вучиќ му порача на Кларк:
– За Балканот зборуваа и во 1999 година. Морам да кажам дека никого не допираме, но Србија никогаш повеќе нема да биде ничиј плен, како во 1999 година! Денес Србија е сериозна и одговорна земја, сака мир, но нема да дозволи никој да му ја загрозува слободата на нашиот народ – нагласи Вучиќ.
Тој додаде:
– Мојата порака до него (Кларк) е дека ние не сме ничии пиони. Бидејќи не сме Руси, ниту Американци. И никогаш нема да бидеме. Тука живее слободарски народ, кој ја ценел и загинал за својата слобода. Слободата е најскапоцена и добро би било тој (Весли Кларк) да ја совладаше таа лекција и во 1999 година. На на некои луѓе им проаѓа цел живот, а не ги учат лекциите. Србија не ѝ служи на ниту една голема сила, туку само на својот народ – рече Вучиќ.
Кларк, кој беше генерал во 1999 година кога НАТО ја бомбардираше Србија, во интервјуто за Си-Ен-Ен предупреди за можна војна на Балканот доколку Русија не биде сопрена во Украина.
– Раката на Русија се чувствува на Балканот, Србија е рака на Русија на Балканот. Србија им служи на интересите на Русија. Вучиќ е паметен, сака да изгледа како да ги игра двете страни, но кога ќе дојде време ќе го направи она што го бара Путин. Она што тој го сака од Путин е секако овластување да ги употреби своите сили во Косово, барем да земе половина од северниот дел на Косово, а можеби и повеќе, и секако дека сакаат да ја поделат Босна и да ја земат Република Српска и да ја направат „голема Србија“. Сето ова е со цел етничко чистење на Балканот. Видовме многу насилство, убиства во последните 30 години и мислевме дека НАТО го запре, но ако има проблеми во Украина, тој проблем ќе дојде на Балканот и лидерите, како премиерот (на Косово, Албин) Курти, мора да се соочат со него – рече Кларк.