Сенката на Али Ахмети, Артан Груби, сега објавен од американскиот Стејт департмент како личност вмешана во корупција за спас на Сашо Мијалков, нема место меѓу студентите. Универзитетот во Тетово треба да го оддалечи и да ги заштити студентите од оваа личност на црната листа.
Ова денеска го побара, преку соопштение, коалицијата Вреди.
„Студентите се сегашноста и иднината на оваа земја. Тие имаат право да се образуваат и формираат од личности кои се пример за чесност, професионалност и интегритет. Наследникот на Али Ахмети, Артан Груби не може да биде водилка за младите во оваа земја. Штотуку објавениот од Стејт Департментот како корумпиран човек, сенката на Ахмети, Артан Груби, неодамна направи потези за да биде катапултиран на Универзитетот во Тетово. Ова не треба да се случува, затоа ДУТ треба да се сеќава на својата генеза како Универзитет изграден со жртвата на овој народ да не му дозволи на слуга на Сашо Мијалков да предава“, се наведува во соопштението.
Според Вреди, Груби не може да биде амнестиран само со тоа што тој објавил на статус на Фејсбук дека се повлекува од јавниот живот.
„Јавно го прашуваме Артан Груби, дали ќе се повлечете од Универзитетот во Тетово затоа што сте лош пример за студентите? Младите, кои се иднината на општеството, не можат да земат пример од корумпиран кој се вмешал и во судски постапки. Универзитетот во Тетово треба да го оддалечи Артан Груби и да ги заштити студентите од оваа личност на црната листа. Корумпиран, кој ја злоупотребил функцијата јавен службеник, станал слуга на Мијалков. Албанците можат да бидат мирни, бидејќи нема да дозволиме некои изнудувачи и редовни криминалци да ја уништат иднината на цел народ, особено иднината на младите“, се наведува во соопштението.