Турското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека остро го осудува влегувањето на израелската армија во тампон зоната меѓу Израел и Сирија и нејзиното наводно напредување на сириска територија, објави Ал Арабија.
„Израел уште еднаш го покажува својот окупациски менталитет“, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.
Израел континуирано и агресивно напаѓа стратешки локации во Сирија
Израелската војска постојано врши напади врз стратешки локации во Сирија. Сириски безбедносен извор изјави дека израелските војници стигнале до Катана која се наоѓа на 10 километри во сириска територија, источно од демилитаризираната зона што ја дели Голанската висорамнина, што ја окупираше Израел од Сирија.
Израелската војска зазеде неколку градови и села, а израелски беспилотни летала континуирано го напаѓаат сирискиот главен град. Израелската војска изврши и масовно бомбардирање на градот Латакија.
Напади врз најголемата воздушна база во Сирија
Ал Арабија наведува дека израелските воздухопловни и ракетни сили извршиле напади врз најголемите воздушни бази во Сирија, уништувајќи ги инфраструктурата, авионите и хеликоптерите на сириските воздухопловни сили.
Се посочува дека мета бил хелиодромот во предградието на Дамаск, како и баталјонот за воздушна одбрана на сириската армија во областа Малула. Се наведува дека во нападот биле уништени десетици хеликоптери и ловци.