Артан Груби е на црната листа на САД за корупција која ја правел во иста влада со Венко Филипче, со секој поминат ден без постапка против него ЈО паѓа под секое дно, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
– Ова е уште еден доказ за заробеното судство во Македонија. Со секој поминат ден без постапка против Артан Груби, Јавното обвинителство паѓа под секое дно. Не само што Груби е осомничен за корупција, туку и судството под контрола на ДУИ со години служи за заштита на криминалните активности на нивниот врв – вели пратеникот.
Според Петрушевски, врвот на ДУИ поставувал судии и обвинители кои, наводно, биле користени за политички влијанија и управување со судски одлуки.
– Артан Груби и Венко Филипче беа дел од истата влада која го узурпираше судството. Граѓаните сега можат јасно да видат кој стои зад ова заробено правосудство, а судиите и обвинителите повеќе немаат комоција да тврдат дека не гледаат криминал – додаде Петрушевски.
Тој истакна дека протестите и медиумските настапи на ДУИ, како и циркусот пред Уставниот суд, се обид за политичка и медиумска видливост.
– ДУИ и СДС се обидуваат да се спасат од одговорност за своите криминални активности. Но, обрачот се стега, и граѓаните сè појасно ги препознаваат нивните игри. Одговорност мора да има – потенцира Петрушевски.
ВМРО-ДПМНЕ повторно повика на реформи во правосудниот систем и побара од Јавното обвинителство и судиите да постапуваат според законите.
– Секое одлагање само ги продлабочува сомнежите дека судството е во функција на заштита на криминалните кругови на ДУИ и СДС – заклучи Петрушевски.