Русија ги отфрла наводите дека убила цивили и ја обвини Украина за фалсификување смртни случаи со цел да ги дискредитира руските сили. Но, постојат се повеќе докази дека военото злосторство во Буча го извршиле руските сили.
– Овде се случи нешто незамисливо. Го видовме суровото лице на војската на Путин – истакна Фон дер Лајен.
Форензичари денеска почнаа ексхумација на тела од масовна гробница во украинскиот град Буча, завиткувајќи ги во црна пластика и изложувајќи ги телата на цивилите, за кои официјални лица тврдат дека загинале за време на руската инвазија.
Руслан Кравченко од обвинителството во Буча изјави дека се ексхумирани 20 тела, од кои 18 биле со прострелни рани и рани од шрапнел. Тој потврди дека се идентификувани две жени, а една од нив работела во супермаркет во центарот на градот.
– Постојат сведоци кои можат да потврдат дека овие луѓе биле убиени од руските сили. Без никаква причина, тие само се движеле по улицата или биле евакуирани. Некои од нив само зборувале на украински јазик – додаде обвинителот.