Утрово, во Основниот суд Велес започна судењето на Павлинка Илоска која се товари за кривично дело „убиство во миг“. Таа пред судот кажа дека не се чувствува виновна бидејќи делото го направила во самоодбрана.
Хелсиншкиот комитет реагираше на обвинението и смета дека Илоска треба да се товари за кривично дело направено во самоодбрана, а не за убиство на миг кое пропишува затворска казна од една до пет години.
Убиството се случи на 29 септември лани во куќата каде Иловска невенчано живеела со полицаецот Александар Ристовски. Тој започнал кавга нарекувајќи ја со погрдни зборови, Илоска легнала да спие во спалната, но тој ја фатил за пижамата и ја влечел до кујната. Ја удирал со тупаници и со клоци по главата и по телото. Силно ја фатил со раце за вратот и ја давел.
Девојката го молела да ја пушти, а во еден момент од масата зела нож и го пробола директно во срцето. Убодот бил смртоносен.