Верската група „Лев Тахор“ која во изминатите денови внесе немир кај кумановци претходно била протерана од Босна и Херцеговина. Според босанските власти ова не е прво протерување на групата која претходно била депортирана и од други земји од Источна Европа.
Но каква група е „Лев Тахор“? Според податоците кои можат да се најдат на интернет оваа група следи екстремни учења на јудеизмот. Групата е основана во 1988 година, а брои 200 до 300 члена. Преводот од хебрејски на името означува “чисто срце“, но според некои обвинувања, меѓу кои и од поранешни членови, групата е далеку од чиста. Оваа група ја следат обвинувања за киднапирање, злоупотреба на деца и сексуална злоупотреба на членови.
Основач на оваа верска секта е Шломо Хелбранс кој во 1994 година бил осуден на две години затвор за киднапирање. Хелбранс почина во Мексико во несреќен случај, а на чело на организацијата го наследи неговиот син Нахман кој го опишуваат како човек со поекстремни гледишта од својот татко. Како што велат познавачите тој ја раководи верската секта со железна рака.
Членови на оваа група деновиве беа забележани во Куманово во населбата „Зелен рид“, а нивното присуство внесе немир кај дел од населението. Додека некои се вознемирени други убедуваат дека се работи за група на мирни луѓе кои не му пречат никому.
Спротиставени ставови доаѓаат и од властите. Градоначалникот на Куманово во изјава побара МВР да ја истражи групата додека од Министерството за внатрешни работи убедуваат дека „Лев Тахор“ не претставува опасност за безбедноста и за граѓаните.
„Секторот за внатрешни работи Куманово ја информира јавноста дека групата лица забележана во Куманово претставува група припадници на Еврејската верска заедница. Овие лица ги почитуваат законите на Република Македонија, со целосно легален престој и привремено престојуваат во нашата држава“ стои во соопштението на СВР Куманово.
„Лев Тахор“ е тема на неколку репортажи и документарци. Екипата на телевизијата Н1 имаше можност да влезе во домот на припадниците на оваа верска секта, а еве што забележа нивната камера за начинот на живот и правилата кои ги следат.
Ви ја пренесуваме и сторијата 18-годишното момче Менди Леви, кој успеа да ја напушти сектата.