И покрај енергетската и економската криза дотациите кон општините се намалени на 312 милионни евра, изјави денеска претседателот на ВМРО- ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на посетата на Кавадарци.
Тој вели дека во изминатите 4 години владата на СДСМ ги сголемувала дотацииите на општините. Дури во една година (2021 година ) тие изнесуваа 34 милиони евра.
– Тогаш нели мнозинството градоначалници беа од редовите на СДСМ, и тогаш тие ценеа дека треба дотациите да бидат поголеми. Но ако ја споредите бројката 2021 и 2022 и покрај тоа што буџетот е зголемен, екстремно зголемен, арачот на народот и на бизнисот екстра зголемен, дотациите се намалени од 316 на 312 милиони евра, кон општините и покрај тоа што знаеја дека имаме енергетска криза, покрај тоа што знаеја дека имаме економска криза, и покрај тоа што знаеја дека ова ќе биде една навистина тешка и предизвикувачка година – вели Мицкоски.
Според него, СДСМ и власта не водат грижа за граѓаните.
– И повторно ќе кажам слепо ги следат политиките и насоките на заевизмот, политики коишто се поразени од народот, се додека продолжат да ги следат политиките на заевизмот ќе губат, и тоа ќе им го кажат граѓаните на следните предвремени парламентарни избори. Затоа бегаат од тоа затоа се плашат. Мислат дека црвените килими на лозјата, во големите и раскошни винарски визби кај тајкуни кои што своето богатство го стекнале во едни други времиња ќе ги исперат од незадоволството кое што го има кај народот, и затоа ги нема тука меѓу народот ,затоа се кријат – рече Мицкоски.
Тој ѝ порача на власта да ги напушти политиките на заевизмот, бидејќи водат кон пораз.
– Прифатете ја политиката на заедништво и обединување кога станува збор за националните интереси, граѓаните во општините каде што се градоначалници избрани од редот на ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата не се виновни затоа што политиките на заевизмот полни со криминал, со корупција со неуспеси граѓаните ги поразија. Дајте да седнеме и да зборуваме за иднината немојте да бидете заглавени во минатото, поделбите завршија, ние сакаме да рефлектираме една енергија на обединување кога станува збор за националните интереси, ние може да се разликуваме во економските, образовните, здравствените, земјоделските политики, да, тука се разликуваме, но кога станува збор за националниот интерес, еднаш очекуваме од СДСМ да застане и да ги поддржи политиките на обединување. Прв чекор еве нудиме подадена рака, поддржете ја декларација за титанот, за великанот Ѓорѓи Делчев, човекот кој што треба да не обедини – рече Мицкоски.