Првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити, соопшти дека актуелната Влада не прави разлики при распределбата на буџетот за инвестиции по општините, како што правеше претходната влада со Тетово и со Чаир.
– Ова е првпат една влада да не прави разлики, како што тие тоа го правеа во минатото со Чаир и со Тетово, кои беа единствени од 80 општини што не добија ниту еден денар од буџетот на Северна Македонија. Ние не го правиме истото, ние ги третираме општините без оглед на припадноста, бидејќи таму се нашите граѓани, ние сме за граѓаните, и тие градоначалници се избрани од граѓаните – изјави Меџити.
Утре започнуваат интензивните градежни работи за Коридорот 8, додаде тој.
– Коридорот 8 е исклучително важен коридор за Република Северна Македонија. Ве известувам дека утре, заедно со премиерот и со министерот за транспорт, со претставниците на компаниите Бехтел и Енка, ќе бидеме на терен на почетокот на интензивните градежни работи на Коридорот 8. Значи, додека другите зборуваат, ние работиме. Утре ќе бидеме во населбите Гостивар-Букојчан, на тој сегмент каде што ќе започнат интензивните градежни работи на Коридорот 8 – изјави Меџити.
Тој додаде дека за прв пат Северна Македонија има издвоено 1 милијарда евра за општините во текот на еден мандат.
– Додека оваа година, иако е половина година, веќе се одобрени над 60 милиони евра инвестиции во конкретни проекти за општините, или поточно 271 проект, додека се предвидува до крајот на годината да се заокружи со 100 милиони евра за сите општини, што ќе надмине 300 проекти кои решаваат конкретни проблеми и го подобруваат животниот стандард на граѓаните – истакна Меџити.
Според него, овие инвестиции ja покажуваат разликата или промената во пристапот на оваа влада, која не е само декларативно проевропска, туку и со инвестиции и конкретни проекти.
– Не е доволно само да се наречеме дека сме за европски вредности, туку со инвестиции и конкретни проекти да се приближиме до европските стандарди, уредувајќи некаде патната инфраструктура, некаде училиштата, некаде градинките, некаде туризмот и многу сегменти кои реално за 1 месец ќе бидат видливи на терен низ Македонија, со конкретна работа во секоја општина, во секое населено место – додаде Меџити.