Мнозинството од уставните судии сметаат дека треба да се поведе постапка за оценување на уставноста и на законитоста на измените на Кривичниот законик од септември 2023 година со кои се намалија казните за кривичните дела злоупотреба на службената должност и овластвање и злосторничко здружување, по што застареа повеќе кривични предмети против поранешни функционери.
Уставниот суд денеска расправаше по иницијативите за оценка на измените на Кривичниот законик, а гласањето ќе биде попладне, откако ќе зарши расправата и по останатите точки од дневниот ред.
Според повеќето судии измните на КЗ се штетни и имаат далекусежни последици. Дел од судиите, пак, сметаат дека не е во надлежност на Уставниот суд да одлучува за постапката на донесувањето на законот во Собранието.
Судијата известител, Елизабета Дуковска, образложувајќи го рефератот по иницијативата, посочи дека наводите на подносителот се неосновани и предложи судот да ја отфрли иницијативата. Таа нагласи дека и таа како граѓанин има свое мислење за штетноста на законските измени, меѓутоа, како што рече „кога ќе ја облечам тогата постапувам како уставен судија и мојата оценка за уставноста на одреден закон е во согласност со Уставот“.
Судијката Ана Павлова Данева се спротивстави на измените, опишувајќи ги како штетни за правниот поредок на државата. Според неа, измените се лоша, непринципиелна казнена политика и се неуставни и од формално правен и од материјално правен аспект.
– Вториот аргумент зошто сметам дека мора да се поведе постапка е фактот дека ние никако не може да тврдиме дека Уставниот суд не е надлежен да цени постапка на донесување на закон во Собранието, бидејќи самата таа постапка е формална уставност на еден закон – рече таа.
Судијата Осман Кадриу, исто така, истакна дека постои сериозна повреда на уставноста.
– Со измените на сторителите на овие кривични дела е дадена скриена амнестија. Тогаш се поставува прашањето, ако овие сторители, кои се носители на јавните функции, ги помилуваме, како тогаш треба да се постапи спрема другите осудени лица и за обични кривични дела – рече тој.
Кадриу додаде дека со измените на КЗ и така утврдената казнена политика за кривични дела сторени од носители на јавни функции се поткопуваат правните темели на уставниот поредок, до степен на негово распаѓање.
– Во правниот систем на земјата е извршена правна анархија, заробено е правото, правото е во правна криза. Во прашање е правна хаварија, овој закон вака како што е донесен и со овие катастрофални последици е антитеза и спротивен со мерките што ги презема државата за борбата против криминалот и корупцијата – рече Кадриу.
Тој е концизен дека не треба да се прифати предлогот да не се поведе постапка за измените на КЗ, односно, како што рече, судот треба да се одважи да донесе правилна одлука, имајќи ги предвид последиците што ги создаде и ги создава овој закон. Кадриу потенцира дека е неприфатливо закон што е штетен, да биде уставен.
Судијката Јадранка Дабиќ Анастасовска ја поддржа аргументацијата на Кадриу, нагласувајќи дека измените ги поткопуваат правните темели на уставниот поредок на земјата.
Според судијата Фатмир Скендер во случајот нема никаква повреда на одредбите на Уставот.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски рече дека законот во целина е толку штетен што има направено непоправлива штета.
– Каква и да е нашата одлука, се сомневам дека штетите може да се поправат. Собранието го повреди политичкиот плурализам. Овој закон не е ништо друго освен покажување на моќ, ароганција. Работата на пратениците е да ги застапуваат интересите на граѓаните, кои во овој случај не се еднакви. Измените имале некаква цел, но тоа не е таа што ја бараат граѓаните – рече Костадиновски.
Судијата Добрила Кацарска потсети на нејзината изјава кога беа донесени измените дека како граѓанин, како што рече, воопшто не се согласува со вакви измени на КЗ. Според неа, постоел некаков договор помеѓу пратениците. Но, како што посочи, Уставниот суд не е оној кој треба да каже какви треба да бидат казните.
– Како судија на Уставен суд сметам дека не сум јас таа што треба да каже какви треба да бидат казните, дали Собранието ќе ги зголеми или ќе ги намали. Како е донесен овој закон, дали со европско знаменце, не е надлежност на Уставниот суд, за жал – рече таа.
Во врска со наводите дека е направена ненадоместлива штета, Кацарска посочи дека вината не треба да ја бараме кај пратениците, туку кај судиите кои дозволуваа постапките да траат 5-6 години.
Судија Татјана Васиќ Бозаџиева посочи дека измените на КЗ поттикнаа сомнеж и се создаде впечаток дека има селективна правда.
– Самата постапка која исклучува експертска јавност отвори сомнеж во намерите на законодавецот, зашто без да отвори широка дискусија тој измените ги донесе во многу кратка процедура, со исклучување на експертската јавност. Доколку одлучиме да се поништи, треба да размислуваме и во која насока – рече таа.
Васиќ Бозаџиева посочи дека Уставниот суд е оној кој треба да ја оценува формалната страна на законите.
– Сметам дека Уставниот суд е контролор на сите три гранки на власта, на нивното работење и дека во таа улога навистина некој треба да ја оценува формалната страна, односно постапките низ кои се донесуваат законите. Сакам да го видам Уставниот суд во таква улога. Немам никакви дилеми дека законот е штетен – рече таа.
Судија Насер Ајдари посочи дека и според него, законот е штетен и донесен е во постапка која не доликува, но, дополни дека не е во нивната надлежност да го оценуваат начинот на донесување.
Судиите аргумемтираа за можните последици и за решенијата дококу се донесе одлука да се поведе постапка за оценување на уставноста и законотоста на законските измени.
Судот во постапката може да ги укине и да ги поништи законските измени. Ако ги укине, ќе престане нивната примена од моментот на укинување, па натаму, а ако се поништи, ќе треба да се поништат и сите ефекти што ги предизвикале измените.
Во Судот се пристигнати две иницијативи во врска со контоверзните законски измени – една од Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз и уште една од Крсте Велевски.
Според Трајанов, Уставниот суд досега требаше да ја разгледа иницијативата и да донесе одлука, а постапката сега е задоцнета. Тој смета дека Судот досега требаше да стави времена мерка по службена должност, наместо да дозволат 800 функционери и административци да се спасат и покрај сторените незаконски постапки.