Пред Основниот суд во Охрид и денеска не се одржа рочиштето од процесот што се води против адвокатот Тони Менкиноски, обвинет за нарушување на јавниот ред и мир со поставувањето знаме со сонцето од Кутлеш во центарот на Охрид.
Рочиштето не се одржа поради тоа што пред Судот не се појавија претставници на Министерството за внатрешни работи, од каде против него беше поднесена прекршочна пријава за извршено дело „истакнување знаме или грб кој не ги содржи обележјата утврдени со закон“.
– Очигледно е дека МВР бега од средба и пулените на Оливер Спасовски не дојдоа да објаснат како ние сме го нарушиле јавниот ред и мир. Јас воопшто не се чувствувам виновен, горд сум што го истакнав македонското знаме. Не сум го нарушил јавниот ред и мир, не постои ниту еден меѓународен, билатерален или мултилатерален договор што може да ме спречи мене како Македонец да го развијам македонското знаме – изјави Менкиноски.
Toj бара од Судот да донесе ослободителна пресуда затоа што и во претходните рочишта и сега, не се појавува никој од страната на обвинението, а смета дека ослободителната пресуда ќе значи слобода Македонците достоинствено и гордо да го веат знамето од Кутлеш.