Поранешниот американски претседател Доналд Трамп јавно изјави дека доколку биде избран за претседател, во рок од 24 часа ќе го реши прашањето за војната во Украина.
– Ако повторно станам претседател, таа војна ќе ја решам за еден ден, за 24 часа. И двајцата претседатели, (Владимир) Путин и (Володомир) Зеленски, имаат слабости и силни страни, но ви велам, во рок од 24 часа, таа војна ќе се реши. Ќе биде готово, ќе биде апсолутно готово – рече Трамп во интервју за Си-Ен-Ен.
На прашањето на новинарката на Си-Ен-Ен, Кејтлан Колинс, дали верува дека рускиот претседател е воен злосторник во контекст на војната во Украина, тој не сакаше да одговори. Трамп рече дека тоа е нешто за кое треба да се разговара подоцна. Сепак, призна дека мисли дека Путин направил грешка.
– Ако кажете дека е воен злосторник, ќе биде многу потешко да се склучи договор за да се запре оваа работа. Ако тој биде прогласен за воен злосторник, луѓето ќе го грабнат и ќе го погубат, тој ќе се бори многу пожестоко отколку под други околности. Тоа е нешто за што ќе разговараме подоцна – истакна Трамп.
Тој, сепак, посочи дека влегувањето на Русија во Украина е грешка.
– Неговата грешка беше што влезе внатре. Тој никогаш немаше да влезе, ако јас бев претседател – рече Трамп.
Тој не даде конкретен одговор кого гледа како победник во војната.
– Не размислувам за победа и пораз. Мислам дека ќе го поправам тоа за овие луѓе да престанат да се убиваат меѓусебно – додаде Трамп.
Кога новинарот Колинс го праша по втор пат дали сака да победи Украина или не, републиканецот не одговори директно, туку рече дека сака сите да престанат да умираат.
– Руси и Украинци, сакам да престанат да умираат. И ќе го сторам тоа за 24 часа… Ќе го кажам ова: Сакам Европа да инвестира повеќе пари – рече поранешниот американски претседател во интервјуто за Си-Ен-Ен.