Погодена од војната во Украина и енергетската криза, Северна Македонија се соочува со највисока инфлација досега, со што несразмерно се намалуваат реалните приходи на сиромашните, се наведува во редовниот есенски извештај за Западен Балкан што ја вклучува и земјава. Со ограничен фискален простор, зголемен јавен долг и зголемени трошоци за финансирање, според Светска банка, фискалната поддршка треба да се насочи кон најранливите домаќинства и фирми.
Во исто време, затегнувањето на монетарната политика треба да постигне рамнотежа помеѓу сузбивање на инфлацијата и избегнување на забавена економска активност.
– Поддршката на Владата за енергетски ранливите групи е важен чекор во вистинска насока, но мерките треба да бидат насочени и временски ограничени за да се минимизираат фискалните ризици – рече Масимилијано Паолучи, директор на Светска банка за Северна Македонија и Косово во својата видео-изјава објавена на презентацијата на извештајот во Скопје.
Според извештајот, таквите реформи вклучуваат мерки за зголемување на нивото на пазарна конкуренција, отстранување на бариерите за влез на бизнисите, подобрување на задржувањето на реинвестирањето кај странските инвеститори, намалување на бариерите за учество на женската работна сила, подобрување на квалитетот на образованието и подигнување на стандардите за управување, вклучувајќи ја и дигитализацијата.
Тековната криза, исто така, ја истакнува важноста од забрзана зелена транзиција во регионот, подалеку од волатилните јаглеводороди кон почисто производство на електрична енергија, како и поеколошки модели на производство и потрошувачка, се вели во извештајот.
Во анализата се проценува дека оваа година земјава ќе оствари раст на бруто домашниот производ од 3,4 отсто. За 2023 година, кога се очекува забавување на економскиот раст и пад на ниво од 2,8 отсто за целиот регион.