Демографските проблеми стануваат еден од најголемите социо-економски предизвици на развиениот свет, а почетокот на 21 век во Европа беше обележан со обид да се решат овие проблеми со различни политики кои се обидоа да поттикнат демографска обнова, односно враќање на одржливо ниво на фертилитет (број на деца по жена) од 2,1 .
Имаше обиди за многу нешта, од директни плаќања и даночни кредити до подобрување на инфраструктурата за одгледување деца (детски градинки), но резултатите се лоши. Штом бројот на родени деца по жена падне под стапката што обезбедува самоодржување на населението (2,1), се покажало дека е речиси невозможно да се врати, барем не на долг рок.
Иако проблемот првично беше ограничен на богатите европски земји и на неколку земји низ светот (Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Австралија, итн.), тој стана глобален. Освен во развиените земји од Европа, Северна Америка (Канада и САД) и Источна Азија (Јапонија, Јужна Кореја), денес премногу ниска стапка на фертилитет има и во најнаселените земји во светот Кина и Индија.
Во целиот свет опаѓа бројот на раѓања без разлика на раса, вера и идеологија
Ситуацијата е алармантна и има контури на глобална криза. Веќе остарената ЕУ се бори да одржи стапка на фертилитет над 1,5, а само 15% од вкупното население спаѓа во најмладата популација (0-14 години). Хрватска не го подобрува просекот на ЕУ бидејќи стапката на фертилитет во 2023 година беше 1,4, со учество на најмладата популација од 14%.
САД се во поповолна ситуација со стапка на фертилитет од 1,7 и учество на најмладата популација од 18%. Но, и нивните демографски показатели се влошуваат бидејќи до пред неколку години беа блиску до стапката на фертилитет неопходна за самоодржување на населението (2,1).
Непријатно изненадување е Кина, чија стапка на фертилитет падна на само 1,2. Стапката е меѓу најмалите во светот, помала дури и од Јапонија (1,3), но подобра од Јужна Кореја (0,9). Севкупно, лани се родени едвај 9 милиони, односно 8,84 милиони помалку отколку во неодамнешната 2016 година. Уделот на најмладата популација сè уште е добар (23%), но набргу ќе се влоши.
Дури и Индија, која е синоним за пренатрупаност на населението, падна на помалку од самоодржливата стапка на фертилитет. Секое четврто лице е на возраст од 0 до 14 години, но падот на стапката на фертилитет, од 3,5 на крајот на минатиот век до сегашната стапка од 2, сугерира дека е само прашање на време кога ќе стане послична на Европа, Јапонија и на САД.
До крајот на овој век, вкупниот број луѓе на Земјата ќе почне да опаѓа
Наближува годината кога неколку земји и територии ќе имаат стапка на фертилитет пониска од неопходната за самоодржување на населението (2,1). Се очекува до крајот на оваа деценија да дојде таа година, а до 2050 година можеме да ја очекуваме првата година во која светската стапка на фертилитет ќе биде пониска од неопходната за самоодржување на светската популација. Повеќе луѓе тогаш ќе умираат годишно одошто ќе се раѓаат.
Само континентот Африка ја подобрува демографската слика на светот. „Џебови“ има и на другите континенти, како што се Централна Азија заедно со Авганистан, Монголија и Пакистан, па Блискиот Исток (без Турција и Иран), неколку јужноамерикански земји и дел од Централна Америка. Но, Африка убедливо води во сите демографски параметри.
На Африка ѝ нема еднаква во стапката на фертилитет и уделот на најмладата популација.
Од друга страна, пак, некои земји, кои во претходните децении беа познати по својата експлозивна демографска експанзија, одамна не се такви.
На пример, Иран со стапка на фертилитет од 1,7 е полош и од неколку земји во Европа, а стапката на фертилитет беше меѓу 3,9 и 4 во првата половина на 1990-те. 1980-те беа уште поинтензивни, меѓу 5 и 6 деца по жена. Турција е уште еден пример за муслиманска земја која се најде во иста ситуација како христијанската Европа, со само 1,9 деца по жена.
Бангладеш, една од најгусто населените земји во светот, со години нема доволно деца за самоодржливост на населението (1,9). Бразил, Чиле, Уругвај, Колумбија и Мексико сè повеќе демографски личат на САД и на ЕУ.
Оние кои живеат подобро имаат помалку деца
Парадоксот на демографијата е дека со развојот и растот на богатството, луѓето имаат сè помалку деца. Ова е очигледно од фактот што деловите од светот, кои сè уште имаат проблем со глад (Африка, Централна Азија), имаат најмногу деца и најбрз раст на населението.Според правилото, што побогати стануваат земјите, толку постари стануваат нивните жители, односно има поголем удел на старото население од тој на младото население. Причина за тоа е и зголемувањето на просечниот животен век, но уште повеќе драстичниот пад на бројот на раѓања.
Од податоците лесно се извлекува заклучокот дека што побогато и пообразовано е населението, толку помалку деца има. Дури и во богатите земји, кривата на плодност според образованието и богатството на мајката е со облик „L“, односно посиромашните и помалку образованите жени имаат повеќе деца.
Постојат индикации дека оваа законитост се менува во некои земји, односно дека кривата „L“ станува крива „U“. Тоа значи дека бројот на деца по жена е најголем кај сиромашните, потоа паѓа кај средно-богатите и повторно се зголемува кај многу богатите. Но, сè уште не може за да се зборува за нов демографски тренд поради недостаток на докази.
Наталитетот е најголем на континентот кој гладува и постојано е во војна
Во богатите земји, стапката на фертилитет е 1,5, а учеството на најмладата популација е 15%. Во средно развиените земји, стапката на фертилитет е 2,4, а уделот на населението на возраст од 0-15 е 27%.
Во најсиромашните земји во светот, стапката на фертилитет е 3,9, во екстремни случаи и повеќе од 6 деца по жена. Уделот на најмладата популација е 38%. Станува збор речиси исклучиво за земјите од Африка.
Отпрвин, се чини чудно што континентот со проблеми со периодични епидемии на глад има најдобри демографски резултати, а ситуацијата во овој поглед е дури и влошена од 2015 година. Всушност Африка со ништо не може да се издвои како добар пример во однос на социо-економските показатели.
Африка се смета за најкорумпираниот континент, со најмалку земји кои дури може да се опишат како демократии, постојани воени конфликти (моментално најмногу во историјата во ист момент, над 35), неконтролирани болести искоренети или ставени под контрола во остатокот од светот, како и континент со најголем процент на депресивни луѓе (според одговорите на анкетите за задоволството од животот и според пресметките на материјалните фактори).
Тоа е особено тешко за жените во Африка. Во Западна и Централна Африка, каде просечната плодност е 4,8, повеќе од 40% од породувањата се одвиваат без помош од здравствен работник, 45% од жените немаат влијание врз изборот на сексуален партнер (брачен или вонбрачен), а секоја трета жена се мажи пред да наполни 18 години.
Планирањето на семејството не постои, а жените немаат избор, се необразовани и без други животни можности. Тие не одлучуваат дали сакаат да забременат, а смеат само да раѓаат деца. Без разлика на сиромаштијата, гладот и бедата.
Демографската катастрофа стана глобална
Никој во светот сè уште не нашол начин да излезе од „демографската дупка“ откако државата ќе падне во неа. Некои земји постигнаа резултати, иако не доволни за да се вратат на стапката на фертилитет од 2,1, што би обезбедило самоодржување на населението.
На пример, сегашната стапка на фертилитет во Данска од 1,7 е повисока отколку во 1980-те кога беше намалена на 1,4. До крајот на 1990-те, Чешка падна на 1,2 деца по жена, а сега е на почитувани 1,7 за Европа. Романија и Словенија постигнаа слични резултати.
Но, сè уште никој на долг рок не ја вратил стапката на фертилитет на 2,1 или повеќе, што е неопходно за самоодржување на вкупното население, иако постоеја обиди за различни политики. Демографската катастрофа веќе не е ограничена само на Европа и на САД, туку стана глобален проблем.
Импликациите за иднината се алармантни. Стареењето на населението не е добро за економскиот раст бидејќи постарите помалку инвестираат и помалку трошат во споредба со луѓето во 30-те и 40-те години. Стареењето на населението води и кон побавна стапка на иновации кога ќе се прилагодат сите други фактори.
Демографската катастрофа е проблем со кој наскоро ќе треба да се соочат не само Хрватска и ЕУ, туку и поголемиот дел од светот. Кина нагло стана свесна за ова кога нејзиниот вкупен број на раѓања се преполови за само 7 години.
Иднината на целиот свет зависи од начинот на решавање на тој проблем.