Шведскиот хидрометеоролошки институт (SMHI) издаде предупредување поради снегот кој продолжува да паѓа во поголемиот дел од земјата. Поради снежните врнежи откажани се летовите, возовите и другите видови превоз.Во голем дел од Стокхолм, SMHI издаде портокалово предупредување за снежни врнежи во понеделникот, додека жолти предупредувања се на сила во делови од округот Упсала, најисточниот Готаланд и Свеаланд, округот Вастра Готаланд, округот Калмар и Скане.
Стокхолм беше силно погоден од снежното невреме, па многу регионални возови беа откажани.
Поради снегот откажани се поголем дел од автобуските линии во областа Стокхолм, каде се очекува до крајот на денот да наврнат уште 30-40 сантиметри снег, пренесува локалниот весник „Експресен“.
Екипите за отстранување снег напорно работеа во текот на ноќта.
„Се чини дека станува се полошо и полошо. Во моментов има проблеми, првенствено во северните и јужните делови на округот“, изјави Андреас Стромберг, официјален претставник на Регионалната транспортна управа во Стокхолм.
Главниот град на Шведска со години има проблеми со сообраќајот кога паѓа снег. Ова води до километарски редици, а граѓаните се принудени да работат од дома.
Менаџерот за медиуми Бенгт Олсон во шведската транспортна администрација рече дека верува оти Стокхолм не може да се справи со обилниот снег поради 1.600 железнички прекинувачи што треба да се исчистат.