Скопјанка во полиција пријавила дека е измамена од лице кое се претставувало како посредник за работа во странство, информираше Министерството за внатрешни работи.
Според пријавеното, 53-годишната скопјанка стапила во контакт со лицето преку социјалната мрежа Фејсбук, каде тој ѝ ветил оти ќе пронајде работа во Германија за нејзиниот син.
Во периодот од 12 октомври до 10 ноември, жената на различни банкарски сметки на лицето му уплатила вкупно 13.516 денари – наводно за обезбедување на потребните документи.
Откако лицето ѝ побарало дополнителни 3.000 денари за обезбедување нови документи, таа сфатила дека е измамена и ја прекинала комуникацијата со него.
Од МВР соопштија дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.