More

    Сите погледи се свртени кон Бујар Османи

    spot_img

    Дали некој од актуелните кандидати за претседател на Македонија се подготвува за евакуација од земјава, на позицијата Генерален секретар на Советот за регионална соработка (СРС – RCC, Regional Cooperation Council), со седиште во Сараево?

    Регионалниот совет за соработка вклучува учесници од Југоисточна Европа (ЈИЕ), членови на меѓународната заедница и донатори на теми кои се важни и од интерес за ЈИЕ, со цел да се промовира и унапредува европската и евроатлантската интеграција на регионот. Советот дејствува во рамките на општите политички насоки поставени од Процесот за соработка во Југоисточна Европа (Процесот на соработка во Југоисточна Европа – SEECP, The South-East European Cooperation Process).

    Во моментов, Генерален секретар на Советот за регионална соработка е Мајлинда Брегу. Таа ја презеде функцијата на 1 јануари 2019 година, по нејзиното назначување од страна на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) на состанокот одржан на 23 април 2018 година во Брдо кај Крањ, Словенија. Нејзиниот мандат истекува.

    Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) беше инициран во 1996 година, на состанокот на министрите за надворешни работи на овие земји одржан во Софија, Бугарија. Овој регионален форум за соработка има за цел зајакнување на добрососедските односи меѓу сите учесници од Југоисточна Европа и трансформирање на овој регион во област на мир, безбедност, стабилност и соработка, со главна цел целосна интеграција на ЈИЕ во евроатлантските структури.

    ПСЈИЕ се состои од 13 учесници од регионот на Југоситочна Европа, од кои 12 се исто така и учесници во Одборот на Регионалниот совет за соработка. Учесниците на ПСЈИЕ се состануваат на ниво на шефови на држави или влади, министри за надворешни работи и политички директори на министерствата за надворешни работи, под претседавање на учесникот кој претседава по принцип на едногодишно ротирачко претседавање.

    Во јули 2023 година, по претседавањето од страна на Подгорица, Скопје го презеде едногодишното претседавање со ПСЈИЕ. Следното претседавање во јули 2024 година ќе го преземе Тирана. Тројката на ПСЈИЕ, составена од претставници на сегашниот, минатиот и идниот претседавач со ПСЈИЕ, обезбедува континуитет на активностите.

    Една од тие активности е токму изборот на нов Генерален секретар на Советот за регионална соработка, на местото на Мајлинда Брегу. Првично било договорено номинациите за оваа позиција да бидат испратени во Скопје заклучно со 25 март годинава. Но, потоа планот неочекувано се менува…

    Токму на 25 март, крајниот рок за номинациите, во 11:40 часот, учесничките во Советот добиваат мејл од македонското Министерство за надворешни работи со следната содржина:

    „Почитувани колеги,

    Во својство на тековeн претседавач на ПСЈИЕ, љубезно ги известуваме учесниците на ПСЈИЕ за одлуката за продолжување на рокот за номинирање кандидати за позицијата Генерален секретар на Советот за регионална соработка, за уште 30 дена.

    Сите номинации на кандидати треба да се испратат на skopjecioseecp@mfa.gov.mk до четврток, 25 април 2024 година.

    Ви благодариме на сите за соработката и за ангажираноста во овој процес. Ќе ве информираме за понатамошниот развој.

    Секретаријат

    Скопје SEECP CiO“

    Во мејлот не се објаснува како и зошто е одлучено рокот за номинации да се продолжи за 30 дена.

    До 25 март годинава Министерството за надворешни работи не било специјално ангажирано околу изборите, а и да било, се претпоставува дека земјата која претседава со ПСЈИЕ има достаточно административни капацитети за евиденција на номинациите за Генерален секретар на Советот за регионална соработка. Впрочем, МНР ќе има многу поголеми обврски поврзани за изборите од 25 април до 8 мај, па и подоцна.

    Она што паѓа в очи е датумот избран за краен рок за доставување на номинациите за иден наследник на фотелјата на Мајлинда Брегу – 25 април. Случајно или не, тоа е еден ден по првиот круг на претседателските избори во Македонија.

    Дали тоа значи дека некој од претседателските кандидати има намера да биде номиниран за оваа позиција?

    Упатените велат дека токму тоа е причината за одложувањето на рокот за номинации до 25 април.  Од сите седум претседателски кандидати, само двајца имаат реални шанси да добијат поддршка и од техничката влада на Талат Џафери, која е неопходно да бидат номинирани – Стево Пендаровски и Бујар Османи. Првиот го паметиме по неговата изјава дека би се иселил од Македонија да не е претседател, а кампањата на вториот се води под мотото „европски претседател“.

    Но, не е тајна дека веќе се познати двајцата сигурни патници во вториот круг на претседателските избори во Македонија, кој ќе се одржи на 8 мај. На 24 април во водство ќе биде Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, а второпласиран ќе биде Пендаровски од СДСМ. Не се знае само колкава ќе биде разликата меѓу нив двајцата. Во секој случај, малку е веројатно Пендаровски да се откаже од трката за да се номинира за позицијата Генерален секретар на Советот за регионална соработка.

    Единствен потенцијален кандидат за номинација од групшата претседателски кандидати останува Бујар Османи, човек во едно интервју се саморекламира како „претседател на пола свет“. Оттаму, останува претпоставката дека Османи би можел да се амбицира да ја наследи Брегу, бидејќи е јасно дека ќе отпадне од вториот круг на претседателските избори. Вака, од позиција на Генерален секретар на Советот за регионална соработка, би можел да продолжи амбициозно да работи на интегрирање на целиот регион на Југоисточна Европа во Европската унија.

    Се разбира, има и други сегашни и поранешни македонски политичари и дипломати со амбиции своите кариери да ги продолжат надвор од Македонија. Но, ако се планирала номинација на некојн од нив, воопшто не било потребно да се одложи рокот за номинации за 25 април, ден после првиот круг на претседателските избори.

    Останува Бујар Османи самиот да објасни дали себеси во иднина се гледа како иден Генерален секретар на Советот за регионална соработка и дали навистина планира на 25 април да биде номиниран за оваа позиција.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img