Само материјалната штета предизвикана од земјотресот во Турција надминува 100 милијарди долари, покажуваат прелиминарната пресметка на Светска банка, ОН, Европската унија и Владата во Анкара.
Еден месец по земјотресот, во кој во Турција загинаа повеќе од 46.000 луѓе, веќе е јасно дека само материјалната штета ќе биде повеќе од 100 милијарди долари, изјави Луиз Винтон, раководител на Програмата за развој на ОН во Турција.
Таа на видео-конференција на ОН во Женева од Газиантеп, Турција, рече дека „трошоците за реконструкција и се што оди со подобра и поеколошка реконструкција очигледно ќе ја надмине таа сума“.
Проценките сè уште се засноваат на прелиминарните податоци, но бројката за штета од 100 милијарди долари ќе биде претставена на донаторската конференција за реконструкција на 16 март во Брисел, рече Винтон.
Винтон изрази „разочарување и тага“ поради недостигот на дарежливост од донаторите, укажувајќи дека досега се исполнети само 9,6 отсто од помошта од 1 милијарда долари итно побарана на 16 февруари.
Речиси 46.000 луѓе загинаа, а 105.000 беа повредени во земјотресот на 6-ти февруари со јачина од 7,8 и потоа со јачина од 7,6 степени во Турција, но билансот сè уште е нецелосен.
Во 11 од 81 провинција во Турција, 214.000 згради беа уништени или оштетени, од кои некои беа високи повеќе од десет ката.
Во тие земјотреси загинаа речиси 6.000 луѓе и во соседна Сирија, каде што исто така е голема материјалната штета.