Ќерката на владетелот на Дубаи, шеика Махра Бин Мохамед Бин Рашид Ал Мактум, го остави својот сопруг Ман Ал Мактум преку Инстаграм.
„Мил мажу, бидејќи си преокупиран со други, вака го објавувам нашиот развод. Се разведувам од тебе. Чувај се. Твојата поранешна сопруга“, пишува во објавата на Инстаграм.
Двојката престана да се следи еден со друг на социјалните мрежи и двајцата од своите профили ги отстранија сите објави на кои се појавуваат заедно. Тие се венчаа пред нешто повеќе од една година, во мај 2023 година, а во мај оваа година добија ќерка. Сè уште никој официјално не се огласил во врска со оваа објава, ниту „кралското“ семејство, ниту наводно напуштениот сопруг.
Некои мислат дека нејзиниот профил бил хакиран, додека други ја слават нејзината „храброст да се залага за своите права“. Во секој случај, сигурно е дека за оваа приказна ќе се слуша повеќе…
Инаку, Махра е ќерка на Мохамед бин Рашид Ал Мактум, владетелот на Дубаи и премиер на Обединетите Арапски Емирати. Студирала во Велика Британија и редовно се залага за правата на жените во својата земја. Нејзиниот сопруг, од друга страна, е познат по дружењето со озлогласениот Ендру Тејт, самопрогласен женомрзец обвинет за трговија со луѓе и силување.