More

    Сакате да купите стан на море?!

    spot_img

    На почетокот на секоја летна сезона луѓето коишто имаат намера да „затворат“ пари во недвижности ги вртат погледите кон приморските места во Грција, во Црна Гора и во Хрватска. Тоа не е случајно. Пазарот на недвижности во последните две-три години во Скопје буквално полуде. Наспроти сите предвидувања дека цените на станбениот квадрат ќе почнат да паѓаат, во центарот на главниот град сѐ уште тешко се наоѓа стан во новоградба по цена пониска од 2.000 евра за 1 метар квадратен.

    За луѓето на кои им недостасува покрив на главата, тоа е проблем што мора да го решаваат со кредити, со заеми и на други начини. На вакви цени, тешко нив. Но, тие што имаат вишок пари и кои сѐ уште веруваат дека инвестирањето во недвижности е најпаметната работа, се прашуваат зошто би купиле скап стан во Скопје, кога за исти пари може да се купи апартман на море. Па и поевтино…

    Во Црна Гора цените паѓаат, ама некако мрзеливо

    Просечната цена на 1 метар квадратен на новоизграден стан во Црна Гора во првиот квартал од годинава изнесува 1.389 евра. Ова е трет квартал по ред како паѓаат цените на становите, покажуваат податоците на Заводот за статистика на Црна Гора.

    Во 2020 година, за време на пандемијата, цената на квадратен метар стан падна во просек на околу 1.100 евра, но во вториот квартал од минатата година се искачи на 1.425 евра. Причините за тоа поскапување, како што информираа тогаш градежните компании, беше поскапувањето на градежните материјали предизвикано од нарушувањето на пазарот, поради избувнувањето на војната во Украина, прекинот на снабдувачките линии и поради растот на цените на енергијата.

    Цените на градежните материјали почнаа да паѓаат на крајот на минатата година, но цените на становите не го следеа целосно тој пад, бидејќи во меѓувреме имаше пораст на интересот на купувачите, пред се на Украинците, Русите и на Турците. Во Подгорица просечната цена на метар квадратен на новоизграден стан во комерцијална продажба во првиот квартал од годинава изнесува 1.409 евра.

    На крајбрежјето, пак, просечната цена на метар квадратен сега е 1.392 евра, додека цените на становите во шест приморски општини се значително повисоки и се движат од 1.445 до 1.473 евра.

    Ништо од очекуваниот пад на цените во Хрватска

    Иако се очекуваше пад на цените на недвижностите и во Хрватска, до тоа не дојде. И податоците што доаѓаат од оваа земја покажуваат дека цените на становите во регионот засега добро се држат, откако во последните две до три години пораснаа со молскавична брзина.

    Така, во Хрватска  просечните цени за 1 метар квадратен се движат од 2.280 евра на приморјето,  1.980 евра во Загреб и 1.804 евра во остатокот од Хрватска. Аналитичарите на прометот на недвижности тврдат дека тој „меур“ во регионот еден ден мора да пукне, но никој не може да предвиди кога точно ќе се случи тоа.

    Во Грција квадрат на море од 1.600 до 2.000 евра

    Потенцијалните купувачи на апартмани, мезонети и на куќи во Грција се понадеваа дека оваа година ќе им се посреќи, како во 2014 и 2015 година, кога Србите, Бугарите, па и Македонците, купуваа станови со поглед на море, по цена која беше многу пониска од тогашните цени на квалитетните станови во Белград, во Софија и во Скопје. Тогаш на приморјето во Северна Грција можеше да се купат апартмани по неверојатно ниски цени од 500 и 600 евра за 1 метар квадратен.

    Но, агентите за недвижности велат дека тоа време веќе никогаш нема да се врати. Цените на станбен квадрат во Солун сега се движат од 800 евра до 6.000 евра и сѐ помалку има евтини станови. Квадратот на апартман во нова зграда на Халкидики во просек чини околу 2.200 евра, со тенденција на пораст. Може, се разбира, да се најде и квадрат за 1.000 евра, но во супстандардни услови. Становите кои се оддалечени 500-600 метри од морето се продаваат по цена од 1.600 до 2.000 евра за 1 метар квадратен.

    Заклучокот е јасен – осен во исклучителни случаи, ако е на повидок добра зделка, сите кои имаат намера да купат стан на море треба да се стрпат. До кога? Тоа никој не го знае.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img