Американското Министерство за одбрана во саботата соопшти дека нема индикации дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје, откако Москва најави распоредување на тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.
„Ги видовме извештаите за руското соопштение и ќе продолжиме да ја следиме оваа ситуација“, се вели во писмената изјава на прес-службата на Министерството за одбрана.
„Не видовме причина да ја прилагодиме нашата сопствена стратешка нуклеарна положба или некакви индикации дека Русија се подготвува да користи нуклеарно оружје. Остануваме посветени на колективната одбрана на НАТО алијансата“.
Рускиот претседател Владимир Путин во саботата изјави дека Москва ќе распореди „тактичко“ нуклеарно оружје на територијата на нејзиниот сојузник Белорусија, земја на прагот на Европската унија.
„Нема ништо необично во тоа: Соединетите држави го прават тоа со децении. Тие веќе долго време распоредуваат тактичко нуклеарно оружје на територијата на нивните сојузници“, рече Путин во интервју за руската телевизија.
„Се договоривме да го сториме истото“, додаде тој, велејќи дека има согласност од Минск.
„Веќе им помогнавме на нашите белоруски колеги и ги опремивме нивните авиони (…) без да ги прекршиме меѓународните договори за неширење нуклеарно оружје. „Десет авиони се подготвени да користат ваков тип на оружје“, рече Путин.
„На 3 април започнуваме со обука на екипажот, а на 1 јули ја завршуваме изградбата на специјалното складиште за тактичко нуклеарно оружје на територијата на Белорусија“, додаде тој.
Според Путин, оваа одлука е поттикната од подготвеноста на Лондон да испрати оружје со осиромашен ураниум во Украина, за што неодамна разговараше британски функционер.
Путин се закани дека ќе прибегне кон истиот тип муниција доколку Киев ја добие.
„Русија, се разбира, има што да возврати. Имаме, без претерување, стотици илјади вакви гранати. Засега нема да ги користиме“, изјави рускиот претседател.