Руската лизгачка Камила Валиева (15), најзаслужната за екипното злато на рускиот тим, која направи неверојатен четириско во уметничко лизгање, била позитивна на допинг-тестот пред Зимските олимписки игри во Пекинг, јавуваат светските медиуми. Тоа е веројатно една од причините што доделувањето на нејзиниот медал уште се одложува, пишува Б92.
Валиева земала Триметаздин, кој се користи за лекување на срцеви заболувања. Ова, како што се наведува, ѝ помогнало да го зголеми протокот на крв и да ја подобри издржливоста. Инаку, триметаздинот се наоѓа на листата на забранети супстанци на Светската антидопинг агенција.
Валиева примерокот за истражување го доставила веднаш по Европското првенство во Естонија минатиот месец.
Сѐ уште не е јасно дали Русија ќе се жали, а нејзиното појавување на денешниот тренинг покажува дека Олимпискиот комитет на Русија не ја прифаќа оваа одлука со која Валиева би била елиминирана од понатамошниот тек на натпреварувањето.
– Таа не е суспендирана – изјави Олга Јермолина, портпаролка на ОК на Русија.
Позитивниот тест на Валиева може да ја чини Русија златен медал.
Најпознатиот случај на допинг со оваа дрога е оној во кој беше вмешана кинеската пливачка ѕвезда Сун Јанг. Таа беше суспендирана на три месеци во 2014 година поради позитивен допинг тест.
Подоцна, во 2019 година, поради допинг скандал Руската Федерација доби четиригодишна забрана за учество на Олимписки игри, односно, може да учествува, но без знаме, национални дресови и химна. Годинава, Русите настапуваат под името РОК.