Музичката ѕвезда Ријана во последните неколку недели експериментира со фризурите. Пејачката деновиве беше фотографирана во Њујорк, повторно со нов имиџ.
Откако во март драстично ја скрати косата и стана русокоса, пејачката сега ја обликува на различни начини. Претходните денови се шеташе со рамна пеглана коса, додека сега покажа како, всушност, изгледа нејзината природна коса. Ова е најкратката фризура што сме ја виделе досега кај Ријана, која притоа ги покажа природните кадрици со светли прамени.
Причината за нејзината нова фризура е новиот бизнис. Ријана, која стана магнат во светот на убавината, лансира нова линија на производи за нега на коса. Ова е најновото проширување на нејзиниот бренд за убавина „Фенти“, што ја направи милијардерка.
Таа нагласи дека нејзината нова линија на производи за нега на коса ќе вклучува формули дизајнирани за обновување, кои ќе бидат поволни за сите видови коса.
„Ја имав речиси секоја текстура, боја и должина на коса, од екстензии до плетенки и природна коса. Затоа лансирам приспособлива линија на производи, која не само што ја задоволува секоја потреба за нега на коса, туку секој производ е создаден за зајакнување и обновување на сите видови коса, што ни е исклучително важно!“, наведе таа во објавата.
Инаку, Ријана со години не издала албум, музичката кариера ја стави настрана, но затоа, пак, целиот нејзин фокус е на козметичката индустрија.