Во Украина се развиени компоненти на биолошкото оружје, изјави во средата рускиот претседател Владимир Путин.
-„Постоеше мрежа во Украина која вклучуваше десетина лаборатории кои спроведуваа воени биолошки програми, вклучувајќи експерименти со примероци од коронавирус, антракс, колера, африканска свинска чума и други смртоносни болести, кои беа спроведени под надзор и финансиска поддршка на Пентагон. “, рече Путин, како што пренесе руската новинска агенција ТАСС.
Путин рече дека „сега интензивно се обидуваат да ги прикријат доказите за овие тајни програми“.
„Сепак, ги имаме сите причини да веруваме дека компонентите на биолошкото оружје се развиени на територијата на Украина, толку блиску до Русија“, тврди рускиот претседател.
Путин потсети дека Украина, САД и НАТО ги отфрлија повеќекратните предупредувања на Москва дека таквото сценарио претставува непосредна закана за безбедноста на Русија.