Рускиот претседател, Владимир Путин, предупреди дека Русија би можела да вооружи држави кои потоа би можеле да напаѓаат западни цели, објави Би-Би-Си.
Тој реагираше откако САД и неколку други држави ѝ дозволија на Украина да ракетира воени мети на руска територија.
– Такви акции би можеле да доведат до многу сериозни проблеми. Ако некој мисли дека треба да се испорача оружје во воена зона за да се нападне наша територија, тогаш и ние имаме право да снабдуваме региони со оружје од иста класа, од каде што ќе има удари врз чувствителни објекти на тие земји. Одговорот може да биде асиметричен. Ќе размислиме за тоа – кажа Путин.
Тој не прецизираше држави, но ја издвои Германија која неодамна кажа дека Украина има слобода да гаѓа воени мети во Русија со германски оружја со долг дострел.
– Тоа е нешто што дефинитивно ги уништува германско-руските односи – додаде рускиот претседател.
И САД ѝ дозволија на Украина да напаѓа мети на руска територија, но само блиску до харкивскиот регион. Американски функционери изјавија дека вакви напади веќе биле изведени во изминатите денови.
Путин уште еднаш негираше дека Русија планира да нападне членка на НАТО.
– Тоа е целосно луда и неточна идеја – изјави лидерот на Русија.