Првиот случај на „скришниот“ омикрон, како што го нарекуваат, односно новиот подвид на омикрон наречен BA.2 е регистриран во Србија. Оваа информација за РТС ја потврдија од Медицинскиот факултет во Белград, пишува Блиц.
Вирологот Тања Јовановиќ вели дека новата подваријанта полека станува доминантна во некои земји, но се претпоставува дека клиничката слика е слична на првата. Засега, вакцината е најдобрата заштита и од овој подвид, бидејќи таа штити и од умерени до тешки форми на болеста, посочува Јовановиќ.
Таа за РТС изјави и дека е забележано дека оваа подваријанта, која првпат беше откриена на Филипините на крајот на јануари, се шири уште побрзо од претходната, а полека станува доминантна во некои земји, како Данска, Индија, Велика Британија и во Германија. Присуството на оваа подваријанта е докажано во повеќе од 50 земји.
Што се однесува до симптомите, таа наведува дека сѐ уште не се знае дали има разлики во однос на првата подваријанта на омикрон, БА.1, дали дава потешка или полесна клиничка слика, дали е полесно да се избегне вакцина или природен имунитет.
Засега, во светот, откриени се три подваријанти на омикрон: BA.1, BA.2 и ВА.3.
Сепак, како што напомена таа, се претпоставува дека оваа е слична на претходната подваријанта.
Јовановиќ забележува дека подваријантите не се разликуваат многу, само во дваесетина мутации, инаку се многу слични по фиксните мутации што ги имаат.
– Постојат многу поголеми разлики меѓу различните варијанти отколку меѓу подваријантите на една варијанта – објаснува таа.