Претставници на семејствата на 14 луѓе кои ги загубија своите животи во пожарот во модуларната болница во Тетово, денеска во Скопје одржаа протестен марш поради, како што посочија, незадоволство од работата и постапките на Обвинителството. Тие на маршот излегоа со транспарент „32 години, 32 години корупција што убива“.
Протестниот марш почна од пред плоштадот Скендербег и заврши пред зградата на Јавното обвинителство, каде ги залепија транспарентите.
Учесниците во протестниот марш побараа разрешување на јавниот обвинител Љубомир Јовевски заедно со другите обвинители Бесир Алиу, Ханефи Амети, Зорица Павловиќ и Дејан Петрески, за кои сметаат дека се инволвирани во прикривање на делото. Побараа и отворање на судска постапка за причините на пожарот и повторно постапување и преиспитување на пресудата од судот во Тетово.
Пожарот во модуларната болница во Тетово се случи на 8 септември 2021 кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени.
фото: МИА