Продлабочувањето на соработката меѓу Северна Македонија и Грција е предуслов и за регионален напредок и постигнување подобри економски резултати, заклучија на синоќешната средба во Солун претседателот на Стопанската комора Бранко Азески и претседателот на Унијата на трговско-индустриските комори на Грција, Јоанис Масутис.
Како што соопшти Стопанската комора, претседателите на двете комори апострофираа неколку клучни точки кои се приоритети во соработката меѓу двете земји, а кои се однесуваат пред сè на продлабочување на соработката преку подобра инфраструктура и пофункционално вмрежување на компаниите од двете земји.
„Подвлечено е и дека Солунското пристаниште е точка на спојување на бизнисите и Грција сноси огромна одговорност за негово нормално функционирање“, се наведува во соопштението.
На состанокот се разговараше и за актуелните прашања од економското опкружување на земјите од Балканот вклучувајќи ги и перспективите на балканските земји за приклучување кон Европската Унија, како и прашањето за трговската и економската интеграција на земјите од регионот.
Азески е претседател и домаќин за тековнава година на Асоцијацијата на балканските комори (АБК) во која членуваат 11 стопански комори на Западен Балкан кој има цел да создаде интеграција и развој на стопанската соработка во регионот. Во таа насока на почетокот од 2025 година во Скопје ќе се одржи работна средба на АБК на која ќе се разговара за развојот на инфраструктурата на Балканот во функција на развој на бизнисот, особено за железницата која е рак рана на транспортот како важна алатка во нашето работење.
„Во овој контекст претседателите на двете комори на средбата во Солун ги акцентираа главните прашања кои ќе бидат предмет на дискусија и на преземање конкретни чекори на состанокот на АБК кој ќе се одржи набргу во Скопје“, се наведува во соопштението.
Вкупната трговска размена на Република Северна Македонија со Република Грција за периодот јануари-октомври 2024 година изнесува 1,15 милијарда долари, со пад од 7,3% во однос на истиот период од 2023 година. Притоа за овој период, остварен е извоз во вредност од 251 милиони долари, со пад од 10,4%, додека, пак, увозот изнесува 896,3 милиони долари, со пад од 6,3% споредено со истиот период од 2023 година. Во вкупната надворешно-трговска размена меѓу двете земји за периодот јануари-октомври 2024 година остварен е трговски дефицит од 645 милиони долари
Вкупната трговска размена меѓу двете земји во 2023 година изнесуваше 1,46 милијарди долари, со пад од 17,7 % во однос на 2022 година, најмногу поради падот на цените на енергенсите. Притоа за 2023 година остварен е извоз во вредност од 331,2 милиони долари што е пад од 3,3 %, во споредба со 2022 година додека, пак, увозот изнесува 1,13 милијарди долари, исто така, со пад од 21,1 % споредено со 2022 година. Во вкупната надворешно-трговска размена за 2023 година остварен е трговски дефицит од 797 милиони долари.
Република Грција ѝ е трет трговски партнер на Република Северна Македонија за 2023 година а за 10 години заклучно со 2023 година вкупните инвестиции од Грција во Северна Македонија изнесуваат 445 милиони евра, што значи дека Грција е еден од нашите најголеми инвеститори и трговски партнери.