Откако претходно поништи два јавни повици бидејќи никој не се пријави, Град Скопје го распиша огласот со кој ќе ангажира приватни превозници за транспорт на патници во градот, и покрај тоа што неодамна градоначалничката Данела Арсовска тврдеше дека „и без нив се може“.
Огласот е за 16 линии, и тоа со број 9, 11, 11А, 12, 19, 20, 22, 23, 45, 47А, 52, 54, 55, 61, 63 и 73. Отворањето на поднесените понуди ќе биде на крајот од март. Огласот е активен до 21 март. Критериумите за да бидат избрани се нивниот возен парк, човечките ресурси, логистиката, искуството.
„Пакетите на линии утврдени во овој оглас се доделуваат за период до две години, со можност за продолжување, но не повеќе од вкупно пет години. Постапката за доделување на пакетите на линии и за давање дозволи за вршење линиски превоз на патници во градот Скопје ќе ја спроведе Комисија формирана од градоначалникот на Град Скопје. По завршување на постапката, градоначалникот донесува решение за секоја линија од доделениот пакет. Град Скопје и избраниот подносител на пријава склучуваат договор, кој е составен дел од документацијата за јавниот оглас“, се вели во огласот.
Според огласот, во првиот пакет се опфатени линиите со број 23, 45, 61, 63 и 73, за чие опслужување се потребни најмалку 35 автобуси и 76 возачи. Вториот пакет се однесува на превоз на линиите 9, 11, 11А, 12, 47А и 55. За автобусите да можат редовно да сообраќаат на овие релации, потребни се 39 автобуси и 83 возачи. И третиот пакет ги опфаќа линиите 19, 20, 22, 52 и 54, за што се бараат вкупно 41 автобус и 87 возачи.
На овој јавен повик нема да можат да учествуваат „Слобода Превоз“ и „Макекспрес“ поради договорот кој беше раскинат, кој предвидуваше забрана за учество доколку се раскине пред тој да истече и по нивна вина.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на почетокот од годинава изјави дека приватните автобуси не се неопходни за организирање на градскиот автобуски превоз.
– Град Скопје може и без приватни превозници. Го организираме јавниот превоз, правиме реформа на јавниот превоз, ќе влеземе во процедура и за набавка на нови автобуси, на нови еколошки автобуси, што е поддржано и од Советот на Градот Скопје за следната година – рече Арсовска на 12 јануари.
Минатата недела градоначалничката Арсовска одржа средба со новото координативно тело на приватните превозници при што беше договорено на новиот повик да се пријават, откако им беше ветено дека ќе им биде исплатен и долгот од 1,5 милиони евра кој го има ЈСП Скопје кон нив.
– На тој јавен повик ќе се пријавиме сите, нема причина да не се пријавиме, условите ни одговараат. Очекуваме дека до 20-ти овој месец ќе почнеме со работа – рече Јовица Зафировски од новото координативно тело по средбата со Арсовска.
Засега не се знае како ќе им се исплати долгот од 1.5 милиони евра кој го има ЈСП кон нив.