Албанија годинава ја доживува својата туристичка ренесанса, а најмногу странски гости дојдоа од соседот преку Јадранот, Италија. Имено, Италијанците се соочени со големо поскапување во домашните одморалишта, а за популарноста на албанското крајбрежје доволно говори веста што ја посети и премиерот Џорџија Мелони.Како што пишува „Фајненшл тајмс“, на изненадување на многумина, Мелони пред неколку дена дошла во Албанија, пристигнувајќи од Пуља каде со семејството била на одмор со траект во Валона. Според упатени извори, албанскиот премиер Еди Рама ја пречекал во Валона, а шефот на италијанската влада, нејзиниот партнер и шестгодишната ќерка го поминале понеделникот и вторникот на албанското крајбрежје.
„Мала Италија“
Според локалните медиуми, Еди Рама рекол дека годинава Албанија ја посетиле „половина милион Италијанци“. Сепак, италијанските медиуми користат нешто поскромна бројка, околу 300.000. Сепак, станува збор за зголемување на бројот на италијански туристи за 57 отсто во однос на 2022 година. Меѓу посетителите е и 28-годишниот Николас Фереро од Римини на северот на Италија, кој за својот одмор го избрал познатото албанско летувалиште Саранда, на југот на земјата во близина на грчката граница. Кога дошол на градската плажа, таа била полна со италијански туристи. „Тоа е како мала Италија“, вели Фереро, пренесува Poslovni.hr.
Од финансиска гледна точка, летниот одмор во Албанија има смисла за Италијанците. Повратен билет за траектот од Бари до Драч чини околу 100 евра, додека билетот за фериботот од Рим или Џенова до Сардинија може да чини двојно повеќе. Фереро изнајмил четворокреветен стан за една недела за вкупно 360 евра. Иако станот, вели италијанскиот турист, е наместен „во основа, но удобно“, цената што ќе ја плати за една недела е само мал дел од она што би требало да го плати за сместување во италијанските одморалишта.
Најевтиниот во Европа
Брегот на таа балканска земја пофално го опишуваат италијанските медиуми пишувајќи за плажите со бел песок како и за „Карибите на Европа“. Колку е поволно гостите од западните земји да летуваат во албанските летувалишта, покажува информацијата на германскиот статистички институт дека цените во албанските ресторани и хотели се во просек за 56 отсто пониски од оние во Германија. Ова ја прави Албанија најевтината туристичка дестинација во Европа.
Од друга страна, италијанскиот брег е се помалку привлечен. Познатиот индиски туристички инфлуенсер Аканкша Монга неодамна најави дека туристите треба да ја избегнуваат Италија ова лето, поради топлотните бранови и гужвите, како и поради цените кои се „повеќе отколку во Норвешка“.