Повеќе стотици илјади луѓе продефилираа низ Франција, за „церемонијално“ и „борбено“ да го одбележат Денот на трудот, во духот на синдикалната борба против пензиската реформа, упатувајќи порака дека нема да се откажат. Имаше и вандализам, но изостана бран протести.
Според полицијата, во Стразбур се собрале 8.700 луѓе. Во Лил имало 7.300, во Марсеј 11.000, а во Тулуз 13.500. Синдикаите пријавуваат неколкукратно повисока посетеност. Се смета дека во цела Франција 1 Мај на „борбен“ начин го прославија од 500.000 до 650.000 луѓе, од кои 80.000 до 100.000 во Париз. Синдикатите, пак, тврдат дека во цела Франција се собрале до 1 милион луѓе..
Денот на трудот беше одбележан и со прекини во воздушниот сообраќај, со 25% до 33% откажани летови на најголемите аеродроми.
Првомајски собири имаше низ цела Европа, а голем број работници и активисти ширум светот го прославија Меѓународниот ден на трудот, со митинзи на кои бараа зголемување на платите, намалување на работното време и подобрување на условите за работа.
Годинешните собири за Меѓународниот ден на трудот беа поголеми од претходните години, бидејќи ограничувањата поврзани со Ковид-19 се драстично намалени.
Во Јужна Кореја, десетици илјади луѓе учествуваа на различни собири на најголемите првомајски собири од почетокот на пандемијата во 2020 година. Учесниците на митингот во Јужна Кореја ја обвинуваат конзервативната влада на претседателот Јун Сук Јеол за рестрикција на синдикатите.
Во јапонскиот главен град Токио, илјадници членови на синдикатот, пратеници од опозицијата и професори се собраа во паркот Јојоги, барајќи зголемување на платите за да се ублажи влијанието на зголемените трошоци додека се опоравуваат од штетата предизвикана од пандемијата.
На Тајван работници излегоа на улиците за да протестираат против, како што велат, несоодветната работничка политика, со што се врши притисок врз владејачката партија пред претседателските избори во 2024 година.
Во Северна Кореја, главниот весник објави долг уреднички текст во кој ги повикува работниците да му дадат поголема поддршка на лидерот Ким Џонг Ун.
На Филипините, илјадници работници денеска маршираа низ улиците на главниот град Манила, повторувајќи ги повиците до владата да ја зголеми минималната плата и да ги заштити бизнисите во земјата.
Фото: EPA-EFE/CHRISTOPHE PETIT TESSON