Туристите зборуваа за панични моменти во текот на викендот, кога ноќеваа во армиски камиони на плажите пред да бидат качени на бродови на грчката морнарица.
Дин Мејсон (56) од Велика Британија ги опиша пожарите на Родос како „искуство блиску до смрт“.
Мејсон пред една недела пристигнал во хотелот на плажата Киотари со сопругата, ќерката и четиригодишната внука.
-Тоа беше првиот одмор на внука ми во странство. До вторник наутро можевме да видиме големи облаци чад што се издигнуваа од центарот на островот. Не наведоа да веруваме дека се е под контрола – рече тој.
Се чинело дека никој не особено загрижен, а потоа ситуацијата наеднаш тргна на полошо.
– Во петокот вечерта стана прилично лошо, врз нас паѓаа парчиња пепел, но од хотелот повторно не уверуваа дека се е во ред. Саботата наутро ја поминавме во базенот. Беше убаво и многу топло, и многу поветровито од претходните денови – рече тој.
Но, веќе во саботата наутро можеле да се забележат многу големи облаци од чад како се приближуваат до нивното сместување.
– Можеше да се види како небото се полни со чад. За пет минути можев да видам пламен на ридот околу нас. Потоа се вклучи алармот на хотелот – рече тој.
Семејството се вратило во својата соба за да го спакува рачниот багаж и да ги земе пасошите пред да избега на плажата.
– Имаше само многу хотелски персонал кој велеа: „Излези, бегај“. Имаше целосен недостаток на каква било структурирана поддршка. Имаше многу хистерија. Бевме покриени со пепел, сонцето беше целосно покриено со жолт чад, раскажува британскиот турист за стравичните моменти од нивниот одмор на Родос.
Семејството било поделено бидејќи локалните жители ги однесле со чамци во две различни околни заедници, за неколку часа подоцна повторно да се најдат заеднп во центарот на Линдос.
– Илјадници луѓе очајно сакаа да избегаат. Се чувствувавме како да доаѓа крај на светот, изјави Мејсон.
На крајот, семејството успеа да обезбеди места во авионот за враќање во Велика Британија.
– Нашите работи се уште се во хотелот, но мислам дека имавме неверојатна среќа што излеговме од таму неповредени – рече тој.
Британецот Адам Вокер (33) во петокот навечер со сопругата и двете мали деца пристигнал на Родос, на одмор во популарното летувалиште Пефкос на источниот брег на островот.
– Стигнавме во саботата наутро. Кога бевме во базенот тоа попладне, можевме да видиме чад оддалеку и црвен сјај на врвот на ридот. За време на вечерата ни падна пепел. Во саботата на полноќ, преку СМС ни беше кажано да го напуштиме хотелот и да се преселиме на плажа. Беше апсолутен хаос, рече Вокер.
По околу половина час им било кажано да одат половина километар до врвот на ридот, но од никого немало информација каде понатаму.
– Сите беа загрижени додека се обидуваа да сфатат каде да ги испратат луѓето додека се случува ова. На крајот дојдоа автобуси и однесоа многу туристи во градот Родос. Останавме во училиштето, каде ги извадивме крпите и облеката и легнавме на плочките. Имаше прекин на струја, а понекогаш и вода, а тоалетите беа поплавени – изјави тој за „The Guardian“.
Денеска е наредена евакуација за четири села на Родос, бидејќи пожарот што гори веќе осум дена продолжи да се движи кон внатрешноста на островот, зафаќајќи ги планинските шуми, вклучително и дел од природниот резерват.
Уште пет евакуации беа наредени синоќа на Крф, една на Евија.
Во Родос, очајни локални жители, многумина со влажни крпи околу вратот на големата топлина, се обидуваат да ги изгаснат пожарите кои се приближуваат до нивните домови со лопати, а авионите за гаснење пожари и хеликоптери работат од утро до мрак.