More

    Полноправното членство во ЕУ до 2030 година е само сон

    spot_img

    Поранешниот министер за надворешни работи на Германија, Михаил Рот, вчера јасно и гласно ни соопшти шест предлози за реформи на процесот на интегрирање во ЕУ. Но,за жал, ретко кој забележа дека тој, всушност, меѓу редови сака да нѐ информира дека членството во Унијата веќе не зависи од самите нас, туку дека е потребна брза консолидација помеѓу земјите-членки на европското семејство во поглед на проширувањето на тоа семејство.

    Вака дипломатите со коишто разговаравме го коментираат вчерашното излагање на германскиот пратеник и велат дека сега дополнително се губи логиката да се спроведат уставните измени и да се внесат Бугарите во Уставот според актуелниот предлог.

    Прашањето коешто сега го поставуваат дипломатите во поглед на уставните измени е зошто воопшто би зачекорувале кон една таква неизвесност, без никаква гаранција дека нема да има дополнителни националистички испади од било кој друг сосед.

    Во предлозите коишто Рот ги вадеше од ракав, коментира поранешниот амбасадор Ристо Никовски, одлично се гледа дека Брисел сериозно размислува за промени во однос на проширувањето на Унијата. Со други зборови, посочува дипломатот, тоа значи дека Брисел ни подготвува терен за „втора лига“.

    Скриена порака

    Поранешниот амбасадор Ивица Боцевски во разговор за Плусинфо вели дека германскиот пратеник Рот, всушност, сакал во завиена форма да ни соопшти дека во Европската Унија не постои расположение, а ни консензус за проширување.

    Прашањето коешто сега се поставува во поглед на уставните измени е зошто воопшто би зачекорувале кон една голема неизвесност, со никаква гаранција дека нема да има дополнителни националистички испади од било кој сосед?!

    Ивица БоцевскиПоранешен амбасадор

    – Проширувањето не е еминентно и најавата за 2030 година е далеку од фиксиран датум. Од една страна, тоа претставува само една голема желба, а од друга страна, тоа е една голема манипулација од страна на нашата власт. Прашањето коешто сега се поставува во поглед на уставните измени е зошто воопшто би зачекориле кон една голема неизвесност, со никаква гаранција дека нема да има дополнителни националистички испади од било кој сосед?! Ова веќе почнува да наликува на страшен кошмар без крај. Мислам дека Македонија плати превисока цена од 1991 година па сѐ до денес за своето барање за членств0 во ЕУ. Вакво нешто не се случува со ниту една друга земја во Европа. Од самото формирање на ЕУ па сѐ до денес не се има случено вакво малтретирање на една држава како што е Македонија – изјави Боцевски.

    Тој смета дека најпаметното решение би било ЕУ да постави консензус за единствениот пазар, затоа што де факто Македонија е членка на заедничкиот пазар ако се види досегашната трговска размена.

    – Ние сме дел од единствениот пазар и тоа претставува огромен трговски партнер. Дај боже нашите фирми да ги добијат истите придобивки што ги добиваат и фирмите во заедничкиот пазар, а тоа е всушност и суштината на интеграцијата. Суштински, нашите граѓани и нашите компании ќе добијат многу во моментот кога ние ќе бидеме полноправна членка на единствениот пазар – објасни поранешниот амбасадор.

    Во поглед на уставните измени и за вметнувањето на Бугарите во Уставот, Боцевски вели дека сега веќе нема логика воопшто да се разговара за такво нешто.

    – Излезе дека Преспанскиот договор е една голема лага. Зошто го сменивме името ако немавме никакви гаранции дека ќе ни следува членство во ЕУ? Зборуваме за полноправно членство во ЕУ, а не почеток на преговори. Така што, сето ова ми е беспредметно во моментов. Треба отворено да зборуваме дека овие пораки што сега доаѓаат од Брисел се срамни. Странските пратеници се секогаш добредојдени во Македонија, но убаво би било да дојдат на еден рационален и отворен разговор. А вака, тие нѐ третираат за малоумни и се служат со закани и уцени – истакна Боцевски.

    „Втора лига“

    Во предлозите коишто Рот ги вадеше од ракав одлично се гледа дека Брисел сериозно размислува за промени во однос на проширувањето на Унијата, а со други зборови тоа значи дека ни подготвуваат терен за „втора лига“, изјави поранешниот дипломат Ристо Никовски.

    Сметам дека сега нема логика да се менува Уставот на Република Македонија кога сме свесни дека таквиот потег нема никаде да нѐ однесе.

    Ристо НиковскиПоранешен амбасадор

    – Фактот дека во два дена дојдоа двајца претставници на Германија за да нѐ присилуваат да го менуваат Уставот покажува една нивна крајна некоординација. Овој истиот Михаел Рот пред неколку години беше тука и нѐ убедуваше дека треба да го смениме државното име. Тој истиот, кој постојано се претставува како наш најголем пријател, имаше предавање на Правниот факултет во Скопје и за време на тоа предавање неколку пати нѐ нарече „ФИРОМ“. Тоа беше срам за сите присутни студенти и професори, но никој не реагираше. Сите овие лекции кои очигледно тој не ги научи во Македонија му дозволуваат повторно да доаѓа и повторно да си игра со нас – коментира Никовски.

    Македонија нема друг избор, посочува тој, и додава дека земјава мора да го прифати сето тоа што ќе пресече Брисел.

    – Интересот за членство во ЕУ останува траен и треба да направиме сѐ за да станеме полноправни членки на европското семејство. Но, сметам дека сега нема логика да се менува Уставот кога сме свесни дека таквиот потег нема никаде да нѐ однесе – истакна Никовски.

    Дека членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ до 2030 година тешко ќе оди завчера потврди и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој рече: „Тоа се убави желби, но кој сум јас да го уништувам оптимизмот и да ја намалувам амбицијата на некои други?“

    – Супер ако е така, но не сум баш сигурен – рече Вучиќ за време на самитот Брдо-Бриони во Скопје.

    Што всушност предлага Рот?

    Недозволиво е само една земја членка или две земји членки да ги уценуваат сите останати. Тоа беше горката реалност кога јас бев министер за надворешни работи. Јас бев на колена бидејќи прво требаше да ги убедувам француските колеги, а потоа требаше да ги убедувам бугарските колеги, истакна Рот во обраќањето на конференцијата „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна дипломатија“ организирана од Институтот за демократија Социетас цивилис-Скопје.

    Германскиот пратеник и дипломат предложи и земјите-кандидатки кои остваруваат задоволителен напредок во склоп на рамката за преговори и во рамки на добро владеење и владеење на правото да бидат дел од Европскиот совет и да учествуваат редовно во Советот на министри.

    – Пред пристапувањето, ЕУ треба да оствари уште потесна соработка со земјите кандидатки во клучните области на безбедност, енергетика и инфраструктура. Постепено пристапување кон заедничкиот пазар на ЕУ ќе биде привлечен стимул за пристапување во Унијата. Претпристапна финансиска помош за помагање на напорите за зачленување, која треба да се зголеми значително со цел да се надополнат недостатоците во однос на инвестициите и како еден вид заштита од кинеските заеми – порача Рот.

    Луѓето и владите во регионот имаат итна потреба од опипливи придобивки од пристапувањето кон Европската Унија. За да го постигнеме тоа, процесот на пристапување треба да се реформира и земјите кандидатки треба да бидат вградени чекор по чекор во структурите на ЕУ пред формално да станат членки.

    Михаел РотПретседател на Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг

    Останатите два од шесте предлози со кои, според него, ќе се реформира процесот на ЕУ-интергрирање се: зајакнување на улогата на проевропското граѓанско општество, на пример преку процедури за задолжителни консултации, и дека европските земји членки треба, како што рече, да се впуштат во процес на спонзорства преку кои ќе обезбедуваат техничка помош во процесот на пристапување.

    – Зборував со моите колеги од Северна Македонија и на сите им е преку глава од Европската Унија. Тоа се млади луѓе кои имале доверба и јасно ми е зошто повеќе не ѝ веруваат на ЕУ. Не станува збор само дека вие треба да ги исполните вашите обврски, туку и ние треба да ги исполниме нашите обврски и да ги исполниме нашите ветувања. Без сомнение, Северна Македонија може да извлече придобивки од овие реформи и токму тоа ѝ е потребно на вашата земја по толку години чекање. Како најголема земја членка на ЕУ, Германија има посебна одговорност за иднината на Западен Балкан и навистина се гордеам што ова е една од главните теми на агендата на нашиот премиер – истакна Рот во Собранието.

    Низа слични и силни пораки испрати и специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин.

    Тој предупреди дека поради можноста за отворање преговори со Украина во декември оваа година, ризикот од одвојување на земјата од останатите е голем, и дека поради тоа уставните измени се повеќе од потребни.

    Сарацин оцени и дека е нереално да се очекува дека повторно ќе се отвори Преговарачката рамка и додаде дека Германија ќе биде против тоа.

    Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, останува на ставот дека уставни измени под бугарски диктат нема да се случат.

    Лидерот на партијата Христијан Мицкоски на последната средба со Сарацин го повтори ставот дека „оваа Влада нема легитимитет за таков чекор и дека уставни измени под бугарски диктат нема да се случат“.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img