Почина Теодор Богоевски, советник на премиерот Димитар Ковачевски за лица со попреченост.
Веста за смртта ја објавија секретарот за јавни политики на Владата, Васко Кичевски и директорката на УЈП, Сања Лукаревска кои преку Фејсбук се простија од него.
„Драг Тео, еднаквите можности за кои се боревме ќе останат аманет за секој од нас. Ти ни ја даде најголемата можност ,да си наш другар, пријател, соборец.Човек со најголема желба за животот и предизвиците кои ги носи. Ќе недостасуваш многу“, напиша Лукаревска на Фејсбук.
Кичевски напиша дека Богоевски ќе остане запаметен како голем борец за лицата со хендикеп.
Со тага и неверување ја примив веста дека нѐ напушти нашиот другар и колега Тео Богоевски. Ти благодариме за твојата долгогодишна заложба и значителен придонес во креирањето политики за интегрирање на лицата со посебни потреби во општеството, порача Кичевски.
Тој заврши Правен факултет, беше храбар човек и отворено зборуваше за својот хендикеп.
Тој во мај ја промовираше книгата „Политичка партиципација на лицата со попреченост”.